Амбициозниот состав на Тиквеш сврти нова страница во клупската историја и за пролетниот дел го ангажираше селекторот на младинската репрезентација на Македонија, Раде Стојановиќ.
Стојановиќ по неколку години пауза му се врати на клупскиот ракомет, и кавадарчани веруваат дека со него на клупата можат најмалку да го повторат ланскиот успех.
Дел од подготовките беа одработени во Црна Гора, каде беа одиграни натпревари со Будуќност и Ловќен, а потоа и две средби со Прилеп. Стојановиќ е задоволен како минаа тренинзите.
„Подготовките поминаа согласно предвидениот план, иако поради репрезентативни обврски недостигаше Обина, кој се придружи во последната четвртина од подготовките. Како што напоменав повеќе пати до сега овој плеј-оф ќе биде многу неизвесен и еден од најсилните во изминатите години“.
Стојановиќ вели дека тимот, односно неговите избраници на секој натпревар ќе атакуваат на триумф.
„Ќе се бориме со сите сили за секој бод на сите од претстојните натпревари. Како и досега, така и сега, ќе одиме на победа на секој натпревар и ќе се обидеме да се претставиме во најдобро можно светло“
Тој вели дека секој дуел ќе биде дерби во плеј-офот.
„Сите екипи во плеј-офот се квалитетни, Охрид, Еурофарм Пелистер и Вардар се појачани значително. Секој натпревар меѓусебно ќе биде дерби напревар. Клучна ќе биде ротацијата на играчи, физичката и тактичката подготвеност на тие натпревари“
Стратегот на кавадарчани не сака да го прогнозира шампионот.
„Секој би можел да биде шампион оваа сезона. Претходно споменав што ќе биде клучно. Љубителите на ракометот треба сега да се подготвуваат на најнеизвесниот плеј-оф“, вели Стојановиќ.
Единствено засилување за Тиквеш беше левиот бек Спасоје Гачевиќ, кој дојде на местото на Ангелче Органџиев, кој пак замина во Прилеп.
„Ростерот не е затворен, но со оглед дека е полусезона, опциите беа малубројни за квалитетно засилување. Сепак тука се младите играчи кои ќе добиваат поголема минутажа и ќе имаат поважна улога на натпреварите, на кои наш осми играч треба да бидат ‘Лозари’“, заврши Стојановиќ.
Првиот натпревар од плеј-офот, Тиквеш го игра в сабота со почеток во 17:00 часот во „Јасмин“ против екипата на Струга.