Познати се шест репрезентации кои обезбедија пласман во четвртфиналето на Светското младинско првенство за ракометарки што се одржува во Кина.
По четвртата победа во низа, Франција, Србија, Шпанија, Германија, Данска и Црна Гора математички го заверија местото меѓу осумте најдобри селекции. Србинките со голем пресврт славеа против Шведска со 24-23, додека Франција немаше многу проблеми со Австрија и ја победи со 29-23.
Најголемо внимание привлече дуелот меѓу Шпанија и Романија, каде Романките имаа одличен старт и водеа со 6-2, а на полувремето имаа минимална предност од 15-14. Сепак, Шпанките целосно ја презедоа контролата во второто полувреме и со одлична игра стигнаа до победа од 32-25. Белен Родригез Ларио беше незапирлива со десет погодоци, а Шпанија за првпат по 2008 година се пласираше во четвртфиналето на ова натпреварување.
Германија исто така продолжува со максимален ефект, откако убедливо ја совлада Република Кореја со 40-22. Марлен Керн и Ајлин Борнхард беа предводнички на германската селекција.
Данска без никакви проблеми ја декласираше Чешка со 40-18. Кристине Емилие Хопе повторно блескаше со 12 голови, а Данска по шести пат во низа ќе игра во четвртфиналето на СП.
Црна Гора мораше добро да се испоти против домаќинот Кина, но на крајот славеше со 31-25. Кинеските ракометарки имаа водство на полувремето (14-13), но Црногорките со одлична игра во продолжението направија пресврт и за првпат по 2010 година обезбедија место во четвртфиналето на Мундијалот.
Во Групата 4, Норвешка ја совлада Полска со 29-23 и ги задржа шансите за место меѓу осумте најдобри, додека Унгарија беше подобра од Јапонија со 32-25. По овие резултати, сите четири репрезентации во групата имаат по два бода, па последното коло ќе ги даде патниците во четвртфиналето.

























