СП 2023 – ГРУПА Х: Светскиот првак од 2019 главен фаворит

Од 29 ноември до 17 декември, Данска, Шведска и Норвешка ќе бидат домаќини на најдобрите 32 женски репрезентации од целиот свет. Гледачите во Хернинг, Фредерикшавн, Трондхајм, Ставангер, Гетеборг и Хелсинборг, ќе имаат можност да ги видат мајсториите на најдобрите ракометарки. 24Ракомет Ви ги претставува учесниците на претстојниот Мундијал...

На претстојното Светско првенство во Данска, Шведска и Норвешка ќе играат 32 репрезентации, поделени во осум групи од по четири, а првите три тима од секоја група поминуваат во главната рунда, додека оние што ќе завршат на последното место ќе играат во Президент Купот.

Натпреварите од Групата Х ќе се играат во данскиот град Фредерикшавн. Во оваа група има две европски селекции и по една селекција од Јужна Америка и Африка. Репрезентациите на Холандија, Чешка, Аргентина и Конго ќе бидат дел од групата Х и ќе се борат за едно од трите места кои што носат билет за следната фаза од Мундијалот.
ХОЛАНДИЈА

Со сребрениот медал во Данска (2015), бронзениот медал во Германија (2017) и освоеното злато во Јапонија (2019), репрезентацијата на Холандија покажа дека за само неколку години може да се направи сериозен бум во светскиот ракомет. На Мундијалот во 2021, кој се одржа во Шпанија, холанѓанките не успеаја да се пласираат во четвртфиналето, завршија на 9. позиција.

Светскиот првак од 2019 година повторно ќе има силен тим за висок пласман, но селекторот на Холандија, Пер Јохансон, на располагање нема да ја има искусната Даник Снелдер, која на почетокот на месец јули оваа година соопшти дека се повлекува од репрезентацијата. Со целиот играчки ростер „лалињата“ повторно ќе бидат страв и трепет на Мундијалот.

Клучни ракометарки: Јара Тен Холте (голман), Кели Дулфер (лев бек), Лаура ван дер Хејден (десен бек)

                                                  ЧЕШКА

Чешка е претендет за втората позиција, бидејќи има позитивен биланс и против Аргентина и против Конго. Единствената средба меѓу европската и јужноамериканската репрезентација се случи на Германија (2017) кога Чешка триумфираше со 28:22, на патот до четвртфиналето.

Против Конго, репрезентацијата на Чешка обезбеди три победи, но за освојување на втората позиција ќе треба да го даде максимумот на сите натпревари. Чешка на Мундијалот во Данска, Шведска и Норвешка ќе биде предводена од новиот селектор Бент Дал, кој ќе го има првиот деби настап како предводник на една репрезентација.

Првиот тест за Дал беа бараж дуелите со репрезентацијата на Швајцарија. Сега Дал, кој има богато клупско искуство, бидејќи во својата клупска кариера бил тренер на неколку познато екипи, ќе има нов предизвик.

Во споредба со минатиот Мундијал, на Чешка ќе и недостасува десното крило Јана Кнедликова. Искусната ракометарка, која со Ѓер и Вајперс Кристијансад освои пет титули во Лигата на шампионите, реши да се повлече од репрезентацијата.

Сепак, Чешка има силна бековска линија предводена од Маркета Јерабкова. Искусната ракометарка која на Ф4 турнирот во Лигата на шампионите пред две сезони беше прогласена за МВП и најзаслужна за освоеното злато на Вајперс Кристијансад, во оваа сезона се пресели во Икаст и се уште игра во одлична форма во елитата. Од играта на Јерабкова ќе зависи и каков резултат ќе оствари Чешка на Мундијалот.

Клучни ракометарки: Маркета Јерабкова (лев бек), Вероника Мала (лево крило), Шарлот Чолевова (десен бек)


АРГЕНТИНА

Репрезентацијата на Аргентина пред две години го забележа својот најдобар почеток на Светското првенство, со сензационална победа над Австрија и уште една против Кина, но киксна во главната рунда. Сега Аргентина ќе посакува да направи чекор повеќе. Поголемиот број репрезентативки на Аргентина настапуваат во шпанската лига, додека неколку играат и во поквалитетните лиги.

Средниот бек Макарена Гандулфо и бекот Лусијана Мендоза настапуваат во шампионатите во Франција, односно Романија. Јужноамериканската репрезентација ќе биде значително ослабена, бидејќи капитенот Антонела Мена, која учествуваше на пет изданија на Мундијалите, поради повреда нема да може да им помогне на своите колешки.

Аргентина сигурно против Холандија ќе биде голем аутсајдер, а против Чешка треба да цели на победа. Најголемата шанса за победа има во дуелот против Конго и тој меч можеби да биде одлучувачки за судбината на Агентина во групата Х.

Клучни ракометарки: Елке Карстен (среден бек), Марисол Карату (голман), Малена Каво (лев бек)

                                                       КОНГО

Конго го имаше својот прв настап на Мундијалите пред 41 година, кога заврши на 12. позиција во Унгарија (1982) Поранешен африкански шампион се движеше низ средината во претходната деценија на континенталното натпреварување, завршувајќи или на петтото или на шестото место во четири од петте изданија што се одржаа на африканското првенство помеѓу 2010 и 2018 година. Оттогаш, Конго е се подобар и подобар, со четвртото место во 2021 година и бронзениот медал во 2022 година

Овој Мундијал за Конго ќе биде седмо учество. Пред две години, на Мундијалот во Шпанија, репрезентација на Конго беше едно од изненадувањата, бидејќи беше единствената африканска селекција што успеа да се пласира во главната рунда, откако забележа убедлива победа над Тунис, 33:24, во прелиминарната рунда.

Клучни ракометарки: Бетадел Нгомбеле (лев бек), Жозефин Нкоу (лево крило), Шерон Дорсон (линиски играч)