„Сонувам да играм против брат ми на ЕП, па да видам за кој ќе навиваат нашите родители“

Репрезентативецот на Хрватска и член на бундеслигашот Мелсунген, Иван Мартиновиќ, кој е роден во Виена, во последните две години е еден од предводниците на „каубоите“.

Мартиновиќ потекнува од спортско семејство, па така и неговиот брат Марин, како и неговата сестра Кристина, исто така играат ракомет, но на национално ниво ги бранат боите на Австрија.

Марин и Кристина се репрезентативци на Австрија, додека Иван се одлучи да го носи дресот на „коцкестите“.

Тој во интервју за хрватскиот портал „24 Сата“ истакна дека сонува да заигра на Европското првенство против неговиот брат.

„Сонувам да играм против брат ми со Хрватска на Европското првенство, па да видам чиј дрес ќе го одберат нашите родители“, изјави Иван Мартиновиќ.

Марин Мартиновиќ е член на австрискиот суперлигаш Фајверс, клуб во кој настапува уште од самиот почеток на кариерата.