Савревски пред Супер Купот: Нема фаворит – ќе пресуди поголемата желба

Тимовите на Охрид и Вардар веќе се во Гевгелија, каде утре во салата „26 Април“ ќе го одиграат Супер Куп натпреварот.

Ова ќе биде трето соочување на истите ривали, откако играа за трофеи на турнирите во Струга и Охрид, а двапати славеа „гладијаторите“.

Десниот бек на Охрид, Давид Савревски, го најави мечот со „црвено-црните“.

„Утре играме Суперкуп против екипата на Вардар. Мислам дека сме во добра натпреварувачка форма, но сепак, утре нè очекуваат 60 минути борба. Мислам дека нема фаворити на теренот. Ќе победи оној кој повеќе ќе го посакува триумфот и кој ќе покаже повеќе во текот на натпреварот“, изјави Савревски.

Мечот меѓу Вардар и Охрид е закажан за 19:00 часот во салата „26 Април“ во Гевгелија, а ќе го судат Исмаил Металари и Ненад Николовски.