Вардар и Охрид третпат во низа за три недели – кој до трофеј во Супер Купот?

|
10:00
Share on Facebook

Македонскиот шампион Вардар и финалистот на Купот на Македонија, Охрид, денеска во Гевгелија ќе го одиграат првиот официјален натпревар од сезоната 2026/27.

Ова ќе биде трета меѓусебна пресметка меѓу овие две екипи во претсезоната, откако играа во финалните натпревари на турнирите во Струга и Охрид.

Во финалето на Струшкиот турнир, Охрид славеше против Вардар со 31-30, додека „гладијаторите“ на домашниот турнир беа подобри со 29-27.

Третото соочување на двете екипи ќе биде од официјален карактер и носи трофеј како загревање за стартот на сезоната во Супер машката лига и европските купови.

Двајцата стратези, Иван Чупиќ и Борис Ројевиќ, не сметаа на најсилниот состав на ниту еден од подготвителните натпревари, а така ќе биде и на оваа средба бидејќи ќе отсуствуваат дел од ракометарите. Право на настап ќе имаат девет странски ракометари.

Во досегашните осум изданија на ова натпреварување, Вардар има четири трофеи, Еурофарм Пелистер има три, додека тимот на Кирил Лазаров има еден. Освен овие три тимови, во Супер Куп играла уште екипата на Металург.

Мечот меѓу Вардар и Охрид е закажан за денеска, 2 септември, од 19:00 часот во салата „26 Април“ во Гевгелија.

Досегашни изданија на Супер Куп:

2017 Вардар – Еурофарм Работник 30:25, Скопје
2018 Вардар – Металург 33:24, Струга
2019 Вардар – Металург 26:24, Куманово
2020 не се одигра
2021 Еурофарм Пелистер – Вардар 31:22, Скопје
2022 Вардар – Еурофарм Пелистер 22:23, Охрид
2023 Еурофарм Пелистер – Вардар 26:30, Струмица
2024 Еурофарм Пелистер – Алкалоид 30:33, Гевгелија
2025 Еурофарм Пелистер – Вардар 28:27, Кавадарци
2026 Вардар – Охрид, Гевгелија

Share on Facebook

Стојановски и Сасари слават пласман во третото коло од ЕХФ Купот, убедлива победа за Темелкоски и ПАОК

Авор: Душко Андов
| 19 октомври 2026
10:20
Share on Facebook

Покрај настапите на македонските претставници во ЕХФ Европскиот Куп, во фокусот се настапите и на македонските интернационалци.

Еден од нив, Томче Стојановски, во дресот на италијанскиот Сасари, се пласира во третата рунда, со двојна победа во „мак-двобојот“ со косовскиот Кастриоти предводен од екс македонскиот селектор, Владимир Глигоров. Евгениј Темелкоски со ПАОК запиша триумф со 38-19 над Борац Бања Лука што многу веројатно ќе биде доволен за третото коло.

Српска Војводина обезбеди пласман во третото коло, откако во двомечот со израелскиот Макаби Ришон Ле Зион славеше со вкупен резултат 67-64.
Макаби го доби првиот натпревар во Србија со 32-31, но Војводина возврати во реваншот. Српскиот тим направи серија од 6-1 кон крајот на првото полувреме, поведе со 21-16, а во 51. минута имаше и осум гола предност. На крајот, Војводина славеше со 36-32 и го потврди пласманот понатаму.

Црногорскиот Ловќен Цетиње убедливо го совлада Берхем од Луксембург со вкупни 74-64. Вук Мрвалјевиќ беше најефикасен стрелец во двомечот со 18 гола, а српска Дубочица беше подобра од летонскиот Добеле со вкупни 73-61.

Романска Турда славеше на гостувањето кај белгиски Спортинг Пелт со 29-27, во натпревар исполнет со пресврти. Иракли Кбилашвили и Раду Гица постигнаа по седум гола за победничкиот тим. Белгијците подобро го отворија мечот и во 12. минута водеа со 7-3, но Турда успеа да се врати и да поведе пред паузата. Во второто полувреме имаше неколку промени на водството, а романскиот состав беше посигурен во завршницата и обезбеди предност од два гола пред реваншот во Романија.

Грчка Драма славеше со минимални 31-30 против словачка Поважска Бистрица во првиот натпревар од двомечот. Домашниот тим имаше предност во поголемиот дел од првото полувреме, а највисоката разлика изнесуваше четири гола, 23-19. Словачкиот состав одговори со серија од шест последователни гола и првпат поведе во 45. минута со 25-23. Сепак, Драма успеа да ја врати предноста во завршницата и да стигне до минимален триумф пред реваншот.

Најголемата голеада во ова коло ја приредија украински Мотор и словенечки Словењ Градец, кои одиграа нерешено 41-41 во првиот натпревар. Мотор имаше подобар почеток и во 17. минута водеше со 15-9. Беше и 26-18, но словенечкиот состав не се предаде. Во вторите триесетина минути успеа да ја надомести негативата и да израмни на 39-39 две минути пред крајот. Двата тима постигнаа уште по два гола за конечни 41-41. Тјаж Шталекер со 12 гола и Велјко Станоевиќ со 11 беа најдобри кај гостите, додека Данило Рахозин и Виталиј Хоровиј постигнаа по девет гола за Мотор.

Победи што многу веројатно ќе им гарантираат мирен реванш остварија и турскиот Бешикташ, АЕК Атина, Олимпијакос, Остров Виекополски, Фади Винтертур, Тримо Требње, Рунар Сандефјорд…

ЕХФ Европски Куп, 2 коло, резултати:

БК46 – Мистра 28-22
АЕК Атина – Анортозис Фамагуста 37-21
Бешикташ – Фиверс Маргаретен 38-31
Дукла Прага – Нербо 33-28
Војводина – Макаби Ле Зион 31-32, 36-32
Берхем – Ловќен 30-40, 34-34
Драма – Повашка Бистрица 31-30
Горица – Бутел Скопје 27-24
Мотор Запорожје – Словењ Градец 41-41
Олимпијакос – Калиш 30-24
Остров Виекополски – Истанбул Генчлик 43-27
ХИФК – Фади Винтертур 32-42
Алкалоид – Ферлах 31-22
Х71 – Трогир 34-27
Тенакс Добеле – Дубочица Лесковац 32-41, 29-32
Тримо Требње – Динамо Панчево 39-27
Кастриоти – Сасари 28-37, 27-40
КРАС Волендам – Кремс 26-28
Спортинг Пелт – Потаиса Турда 27-29
Бурса Нилуфер – Рунар Сандефјорд 28-37
Берн – Касано 31-20
Бојнице – Вослауер 27-31
ПАОК – Борац Бања Лука 38-19

Share on Facebook

Сензација во Букурешт, Крим ја доби драмата со Будуќност

Авор: Душко Андов
| 18 октомври 2026
23:32
Share on Facebook

Шестото коло во Лигата на шампионите кај дамите донесе убедливи победи на Есбјерг и Ференцварош, големо изненадување во Букурешт, како и драматични завршници во Љубљана и Оденсе.

Ференцварош останува единствениот тим со максимален учинок, додека норвешка Сола ја забележа втората победа во историјата на клубот во елитното натпреварување, а прва оваа сезона.

Лига на шампиони, 6 коло, резултати:

група А
Ференцварош – Борусија Дортмунд 39-25
Есбјерг – Брест Бретањ 35-26
Крим – Будуќност 24-23
ЧСМ Букурешт – Сола 22-30

група Б
Глорија Бистрица – Сторхамар 33-26
Мец – Бломберг 32-22
Оденсе – Ѓер 31-32
Подравка – Никобинг 33-26

Ференцварош ја продолжи победничката серија

Унгарскиот состав го скрши отпорот на Дортмунд во второто полувреме, во кое постигна 23 гола. Клучна беше серијата од 7-0, со која предноста од 20-16 порасна на 27-16. Ана Кристенсен имаше 18 одбрани, а Петра Симон и Катрин Клујбер постигнаа по осум гола. Ова беше 150 победа за унгарскиот состав во историјата на Лигата на шампионите.

Реистад со десет гола во дербито на колото

По израмнетото прво полувреме, данскиот тим направи клучна разлика по паузата и стигна до убедлива победа. Хени Реистад беше незапирлива со десет гола, додека Кјара Чиманга постигна пет за Брест. Францускиот тим го претрпе вториот последователен пораз во натпреварувањето.

Победа во последните секунди

Крим конечно ги освои првите бодови во сезоната по драматичен натпревар со Будуќност. При резултат 23-23, домашниот тим остана со играч помалку, а гостинките не реализираа седмерец. Казната стигна преку Нина Жулиќ, која погоди од контранапад за голема радост на словенечкиот состав. Жулиќ и Јована Скробиќ постигнаа по осум гола во двата тима.

Норвежанките приредија изненадување

Сола го шокираше ЧСМ во Романија и ја забележа втората победа во историјата на Лигата на шампионите. Гостинките имаа контрола во најголемиот дел од натпреварот, а во второто полувреме ја искористија слабата реализација на домаќинките и поведоа со пет гола разлика. Камила Херем и Пија Гронстад постигнаа по пет гола, додека Ема Фрис беше најефикасна кај ЧСМ со седум.

Бистрица во вториот дел го скрши Сторхамар

Романскиот состав славеше на домашен терен во натпревар во кој Сторхамар успеа да поведе во првото полувреме, но домаќинките ја презедоа контролата пред паузата. Клучна беше серијата од 8-2 во вториот дел, со која Бистрица се одлепи на 27-20. Данила Со Делгадо беше најдобра со десет гола, додека Анастасија Марсениќ постигна шест за Сторхамар.

Шампионките го решија мечот по паузата

Мец се намачи во првото полувреме против германскиот дебитант, кој успеа да се врати на 13-13. Сепак, домаќинките ја вратија предноста пред паузата, а во вториот дел ја засилија одбраната и му дозволија на противникот да постигне само осум гола. Лилу Борг постигна шест гола за Мец, додека Макси Милнер и Нурија Бухер имаа по седум за Бломберг.

Унгарскиот гигант се извлече во драматична завршница

Ѓер ја запиша 14 победа во 16 меѓусебен дуел со Оденсе, но мораше да се помачи до самиот крај. Домашниот тим се врати од негатива од три гола и израмни на 28-28, но гостинките беа посигурни во последните минути. Тјаша Станко постигна осум гола за Ѓер, исто колку и Роми Маршалкеверд за Оденсе.

Хрватскиот првак стигна до вториот триумф

Подравка одигра одлично на домашен терен и уште во првото полувреме создаде солидна предност против Никобинг. Данскиот тим имаше проблеми со реализацијата и ротацијата, а голманката Аница Гудељ забележа 11 одбрани. Матеа Шошо беше најефикасна кај победничкиот тим со седум гола, додека Клара Лерби постигна осум за Никобинг.

Share on Facebook

Овче Поле СУ и натаму на максимум, даде 51 гол во Гостивар

Авор: Душко Андов
| 18 октомври 2026
19:14
Share on Facebook

Овче Поле СУ продолжува со одличните настапи во Првата лига, откако во натпревар од 5 коло славеше убедлива победа на гостувањето кај Јехона во Гостивар со 51-14.

Гостинките уште од самиот почеток ја наметнаа својата игра и покажаа дека се големи фаворитки против младиот состав на Јехона.

Овче Поле СУ поведе со 16-1 за 17 минути игра, а до крајот на натпреварот постигна уште 35 погодоци за убедлив триумф.

Најефикасни во победничкиот состав беа Анастасија Сентовска и Јована Ангеловска, кои постигнаа по десет гола. Во редовите на Јехона, Алтина Хасани се истакна со седум погодоци.

Со оваа победа, Овче Поле СУ останува на врвот на табелата со максимални десет бода по пет одиграни кола.

Share on Facebook

Ѓорче Петров во последната секунда остана без победа над Бор!

Авор: Душко Андов
| 17 октомври 2026
20:21
Share on Facebook

Ракометарките на Ѓорче Петров одиграа нерешено со српскиот тим Бор, 31-31, иако имаа водство во финишот со 30-28 и 31-30 на триесетина секунди до крајот, кога пропуштија прилика да стават точка на мечот.

Се играше гол за гол до 8-8, пред Бор да започне да создава предност. Најпрво одржуваа водство гостинките од три до четири гола, а пред паузата отидоа и на плус пет, 18-13.

Во вториот дел Ѓорче Петров цело време бркаше негатива, а за камбекот се чекаше дваесетина минути. При водство на Бор со 27-25, Ризоска и Исиќ го предводеа пресвртот на теренот и се чинеше дека „лавиците“ го имаат мечот во свои раце.

Бор се врати во егал, 28-28, но македонскиот шампион преку Губериниќ и Исиќ стигна до плус два, 30-28. Пропуштија избраничките на Славиша Димитријески шанса за плус три, па беа сурово казнети и Бор пак беше во егал.

Исиќ погоди за 31-30, гостинките погрешија и тргна контра на Ѓорче Петров, која беше неуспешна, па Бор доби шанса за да освои бод. Го бранеа домаќинките нападот на Бор, но во последната секунда Митровиќ погоди од десет метри за реми, 31-31.

Најдобри стрелци во составот на Ѓорче Петров беа Исиќ со 11 и Ризоска со девет гола, а Губериниќ додаде седум. Во тимот на Бор се истакна Недељковиќ со десет погодоци, а по пет пати стрелаа Гаровиќ и Митровиќ.

На табелата води Бор со 7 бода, пред Наиса Ниш со шест и Ѓорче Петров со пет погодоци.

Share on Facebook

Илинден броеше до 48 – трет прволигашки триумф

Авор: Душко Андов
| 18 октомври 2026
16:57
Share on Facebook

Ракометарите на Илинден ја запишаа третата прволигашка победа, откако на домашен терен беа подобри од Сокол Саса со 48-24.

Избраниците на Дарко Јанев на полувремето ја обезбедија победата кога беше 21-9, а во вториот постигнаа уште повеќе погодоци.

Никола Павловски постигна девет гола за победничкиот состав, а дури седуммина ракометари дадоа по пет погодоци за Илинден.

Во составот на Сокол Саса, Павле Стоиловски, беше најдобар стрелец и 11 пати ја затресе мрежата на Илинден.

На табелата, Илинден е на деветтата позиција со шест бодови, додека Сокол Саса е на последното место без ниту еден бод.

Share on Facebook