Ракометари на Фуксе Берлин купија станови во иста зграда – ама за да ги издаваат

Фуксе Берлин не размислува само како да освојува трофеи, туку и како неговите играчи да бидат финансиски обезбедени по завршувањето на кариерата.

Германскиот клуб заедно со компанијата „Берлин Имо Инвест“ стои зад необичен проект – „Fuchse Berlin Haus“, зграда со 14 станови во една берлинската населба, кои ги купиле сегашни и поранешни ракометари и луѓе поврзани со клубот.

Идејата не е играчите да живеат таму. Напротив, становите се купени како инвестиција и планот е да се издаваат под кирија, со што ракометарите ќе имаат дополнителен приход и имот што ќе им остане и по крајот на професионалната кариера.

Меѓу сопствениците се Нилс Лихтлајн, Матес Лангхоф, Фредерик Симак и поранешниот германски репрезентативец Пол Друкс, но и поранешни членови на Фуксе како Мориц Заутер, Торбен Мацкен, Максим Орлов и Флоријан Билеп. Стан купил и првиот човек на клубот Боб Ханинг.

„Можеа да купат само играчи, поранешни играчи или луѓе кои имаат некаква поврзаност со Фуксе Берлин“, објасни Ханинг.

Проектот се состои од 14 станови со површина од 40 до 65 квадратни метри. Цените почнуваат од околу 250.000 евра, а становите ќе имаат балкон, тераса или градина, лифт, подно греење, топлинска пумпа и соларен систем.

Изградбата започна есента 2025 година, а планот е становите да бидат подготвени до декември оваа година.

Интересно е што идејата не е нова. Боб Ханинг и луѓето од Берлин Имо Инвест разговарале за ваков проект уште пред околу десет години, но дури сега биле создадени вистинските услови тој да стане реалност.

Играчите веќе ја гледаат целата приказна како долгорочен бизнис. Фредерик Симак јасно посочи дека никој од нив нема намера да се всели во зградата, туку становите ќе ги издаваат.

Пол Друкс, кој во иднина треба да преземе и поголема раководна улога во Фуксе Берлин, на шега прокоментира дека со проектот ракометарите „активно помогнале во олеснувањето на станбениот пазар во Берлин“.

Но зад шегата има сериозна идеја. Професионалната кариера во ракометот не трае вечно, а приходите по завршувањето на играчките денови можат драстично да се намалат. Во Фуксе очигледно сакаат нивните играчи навреме да размислуваат и за тој дел од животот.

Така, додека на теренот Фуксе Берлин гради тим за трофеи, надвор од него се гради и нешто подолгорочно – финансиска сигурност за луѓето кои го носат или некогаш го носеле дресот на клубот.