Славјан Паунов кажа крај – по три децении ракомет „Цаци“ ја заврши кариерата!

Тимот на Радовиш со победа се прости од сезоната во Супер лигата, но последниот натпревар против Струга ќе остане запаметен по уште еден емотивен момент, крајот на богатата кариера на легендарниот голман Славјан Паунов.

Искусниот чувар на мрежата на 45-годишна возраст го одигра последниот натпревар во професионалната кариера, која започна уште во 1997 година.

Паунов со години беше заштитен знак на радовишкиот клуб и највозрасен активен ракометар во македонската Супер лига. Од клубот му се заблагодарија за сè што направил за Радовиш во изминатата деценија.

„Овој натпревар беше последен во неговата играчка кариера – момент исполнет со емоции, почит и благодарност за сè што остави зад себе во дресот на Радовиш. Со својата посветеност, борбеност и поддршка, Славјан остави траен белег во клубот и спортот во Радовиш“, порачаа од клубот.

Покрај за Радовиш, Паунов во својата кариера настапуваше и за Овче Поле, Тиквеш и Борец ФЛ.