Такво време дојде, па дури и Скандинавците почнаа да се жалат на цените на билетите за натпреварите на Светското првенство во Данска, Норвешка и Шведска.
Цените за дневен билет се движат од 91 евро па нагоре, но тоа е премногу за дел од навивачите во Скандинавија.
Трибините во Хернинг и Трондхајм не беа ниту еднаш исполнети до крај, а норвешките ѕвезди Камила Херем и Марен Ордал јавно побараа од организаторите да ги намалат цените на билетите за завршните дуели од главната рунда и од четвртфиналето.
Само неколку од многуте натпревари од групната фаза завршија со мала разлика, додека на другите немаше воопшто возбудувања, а не е премногу различно и во главната рунда, каде сепак има(ше) повеќе интересни натпревари.
„Ние сме задоволни. Тоа и го очекувавме. Имаме пред нас натпревари за кои е распродадено доволна количина на билети. Данците сега се однесуваат вниманително кон расходите. Ние сметаме дека продуктот што го произведуваме вреди за тие пари. Не планираме да намалуваме цени“, велат од данската федерација за ТВ2.
Натпреварите од четвртфиналето ќе се играат во Хернинг и во Трондхајм, додека оние од завршниот викенд се на програмата во данскиот град.