ЖРК Ѓорче Петров во новата сезона ќе има ново име на клупата. Славиша Димитријески, кој досега беше дел од стручниот штаб како помошник на Александар Царчев, ќе биде прв тренер на актуелниот македонски шампион.
Димитријески пристигна во стручниот штаб на Ѓорче Петров во вториот дел од минатата сезона, кога му се приклучи на Царчев, а паралелно доби задача да работи и со младинските категории во клубот. Беше дел од успесите на клубот кој ја одбрани двојната круна во првенството.
Димитријески е актуелен селектор на женската пионерска репрезентација на Македонија. Пред да дојде во Ѓорче Петров, Димитријески работеше во Куманово, каде беше тренер во периодот кога беше именуван за селектор на пионерките. Во женскиот ракомет важи за тренер што добро ги познава младите категории и процесот на создавање играчи, што сега треба да биде надградено со поголема одговорност во клуб со шампионски амбиции.
Ѓорче Петров зад себе има сезона за паметење. „Лавиците“ ја освоија двојната круна, ја одбранија титулата во домашниот шампионат и го освоија Купот на Македонија, потврдувајќи дека и понатаму се прв фаворит во женскиот македонски ракомет.
Новата сезона ќе биде уште поголем предизвик за шампионот. Ѓорче Петров ќе настапува во Лига Европа, што значи дека на домашните обврски ќе се додаде и посилна европска конкуренција. Плус скопскиот тим ќе биде дел од новоформираната Регионална лига каде во групата ќе има екипи од Србија и Црна Гора. Затоа клубот летово работи на задржување на основата на тимот, но и на засилување на ростерот.

Од составот што ја донесе двојната круна, останаа повеќе важни ракометарки, меѓу кои Емилијана Ризоска, Мила Ѓорѓиевска, Ана Вранчиќ, Ива Велкова, Анастасија Трпеска, Армина Исиќ и Милица Николиќ. Тоа покажува дека клубот сака континуитет и дека новиот тренер нема да почнува од нула, туку ќе работи со веќе оформен шампионски костур.
Паралелно, Ѓорче Петров донесе и нови имиња за поголема ширина. Како засилувања беа потврдени Ана Марија Коларовска, Аника Јовановиќ, Нина Вуксановиќ, Катарина Шубериќ, со што „лавиците“ добиваат дополнителни опции пред сезоната во која ќе имаат обврски на повеќе фронтови.
Со Димитријески на клупата, Ѓорче Петров влегува во нова фаза. Целта дома ќе биде јасна – одбрана на двојната круна, додека во Европа клубот ќе се обиде да се претстави во добро светло и да направи чекор повеќе во однос на претходните сезони.
За Димитријески ова ќе биде најголем предизвик во сениорската клупска кариера. Од улога на помошник во шампионски тим, тој добива доверба да го води проектот како прв тренер, во сезона во која Ѓорче Петров ќе мора да потврди дека има квалитет за домашна доминација и европски настап.
























