Парондо го „избрка“ Мадсен од ПСЖ, ама Данецот веднаш најде нова работа

Амбициозниот дански клуб ХОЈ Елит продолжува да гради тим за највисоки дострели, иако оваа сезона ќе ја мина во прволигашка конкуренција. Нов тренер на клубот ќе биде данскиот стратег Стефан Мадсен, кој ќе го преземе тимот идното лето.

По успешната работа во данскиот Алборг, египетскиот Ал Ахли, Мадсен во моментов работи во францускиот ПСЖ, а од другото лето ќе добие задача да го предводи проектот на ХОЈ, клуб кој последните години сериозно инвестира во засилувања и има амбиција да се вклучи во борбата со данските великани.

Во изминатиот период ХОЈ привлече голем број звучни имиња, меѓу кои се Ханс Линдберг, Хампус Ване, Михаел Дамгард, голманот Тил Климпке, а од ова лето ќе им се приклучат и Јаник Грин и Ласе Андерсон, што јасно покажува дека клубот гради тим со шампионски амбиции.

Ангажманот на Мадсен се смета за уште еден важен чекор во развојот на клубот, кој сака што побрзо да се етаблира во самиот врв на данскиот ракомет и да избори настап во европските натпреварувања.