Наи се враќа дома – потпиша договор на четири сезони со ПСЖ!

Откако ќе ја одработи шестата сезона во дресот на полскиот шампион Келце, левото крило Дилан Наи ќе се врати во татковината и одново ќе го облече дресот на ПСЖ.

Францускиот репрезентативец се договори за камбек во „светците“ и не ја крие радоста што повторно ќе го облече дресот на ПСЖ, со кој потпиша договор до 2031 година.

Левото крило, кое од сезоната 2027/28 ќе се врати во клубот каде што ја започна својата кариера, призна дека отсекогаш сонувал повторно да игра за парискиот гигант.

„Горд сум што повторно потпишувам за ПСЖ. Пресреќен сум што се враќам дома. Кога заминав бев само момче, а сега се враќам како оформен играч. Тоа беше една од моите најголеми цели. Сакав повторно да го носам овој дрес, бидејќи мојот живот е тука. Париз е мојот клуб, мојот град и многу сум среќен што повторно ќе бидам дел од него. Играчот кој се враќа денес не е истиот што си замина. Стекнав многу искуство и зрелост. Во меѓувреме постојано го следев ПСЖ и француското првенство, кое од година во година станува сè поконкурентно“, изјави Наи.

Претходно ПСЖ го промовираше новиот стратег Роберто Гарсија Парондо, како и десниот бек Ренарс Усчинс, кои исто така доаѓаат во 2027 година.

____________________________________________________________________________________________________
  Добивај директно вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите ракометни вести.
_____________________________________________________________________________________________________