Нови дуели во Регионалната лига – Охрид на гости во „Стрелиште“

По двете победи над Војводина и Будва, ракометарите на Охрид ќе го имаат третиот предизвик во Регионалната лига.

„Гладијаторите“ ќе му гостуваат на српскиот тим Динамо Панчево, кој заврши во ТОП 4 минатата сезона во српскиот шампионат.

Охрид и Динамо Панчево играа во два наврати минатите две години на турнирот „Крсте Андоновски“, па стана традиција да ги одмеруваат силите во претсезонските натпревари.

Динамо Панчево имаше неуспешен старт на новата сезона и загуби дома од Будва од 32-31 во првото коло, а требаше да игра и против Вардар, но таа средба беше одложена за во декември.

Српскиот состав не менуваше многу ова лето во ростерот, уште повеќе го подмлади тимот откако остана без искусните Илија Богдановиќ и Лука Митровиќ.

Натпреварот, што ќе биде последна проверка за Охрид пред Супер Куп средбата со Вардар, ќе се одигра денеска од 18:00 часот во салата „Стрелиште“. Судии ќе бидат Исмаил Металари и Ненад Николовски, а делегат Марјан Начевски.

Покрај Охрид, денеска на терен ќе биде и тимот на Кирил Лазаров, кој по поразот од Партизан, ќе бара рехабилитација против црногорскиот шампион Ловќен, кој исто така загуби во претходната рунда.

Мечот меѓу „сино-белите“ од Автокоманда и Ловќен се игра утре од 19:00 часот во салата во Автокоманда.

_________________________________________________________________________________________
▶▶▶  Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите вести.
_____________________________________________________________________________________________________