Симовски пред гостувањето во Белгија: Внимателни сме, го анализиравме детално ривалот

Македонскиот женски првак Ѓорче Петров вечерва патува за Белгија каде задутре треба да го одигра првиот дуел од 3. коло на ЕХФ Европскиот куп против екипата на Еупен.

Иако на хартија белгијките се аутсајдери, во таборот на ѓорчепетровки се внимателни и претпазливи. Велат дека ниту еден ривал не го потценуваат и дека подолго време се подготвуваат за овие два дуели.

Победникот од овој меч ќе презими во Европа, и ќе продолжи на пролет на се натпреварува. Лани Македонките играа до осминафиналето, а сега сакаат да одат чекор плус.

„Првите впечатоци се дека тимот можеби „не е тоа, тоа“, но ние сме внимателни и ја анализираме нивната игра. Веќе две седмици работиме на тоа да бидеме подготвени за тој дуел, да ги отстраниме нашите грешки. Девојките дисциполинирано работат и сметам дека сме подготвени на поле, за да се израдува македонскта јавност, и да продолжиме понатаму. Екипата на Еупен има неколку играчи кои се натпреваруваат во младинскиот погон во Германија и Франција, и нешто од сопствените редови. Затоа не ги потценуваме. Треба сериозно да се нападнат и да играме она што го играме досега во овие три години. Во секоја сала одиме и да играме и да и овозможиме на публиката да задоволна со нашата игра“, смета Симе Симовски, тренерот на Ѓорче Петров.

Ракометарките во домашното првенство имаат максимален учинок и ги добија двете дерби средби што досега ги играа. Но, ова е нешто сосема поинакво. Затоа и се работи на тоа атмосферата да биде на ниво.

„Мислам дека има малку позитивна трема кај сите нас, се дружиме и долго време се знаеме. Атмосферата е на високо ниво, тоа ни е мотивација. Треба тоа да го опрвдаме. Како што кажавте за поранешниот европски првак Кометал ЃП, и оваа екипа на Ѓорче Петров има душа“, кратка беше Анастасија Николовска, капитенот на тимот.

Првиот натпревар меѓу овие две екипи се игра в недела со почеток во 14:00 часот, додека реваншот е следната недела во Автокоманда од 20:00 часот.