Симона Маџовска му кажува збогум на ракометот: Секоја приказна има свој крај!

Поранешната македонска репрезентативка Симона Маџовска, ги игра последните месеци како активна ракометарка.

Таа на крајот од оваа сезона ќе му каже збогум на ракометот и ќе ја заврши клупската кариера, откако во Битола ја заврши и репрезентативната на мечот меѓу Македонија и Полска.

Маџовска потекнува од Феникс Битола, настапуваше за Металург пред да ја започне интернационалната кариера која ја градеше во грчкиот ПАОК, па германскиот Некарсулмер и од 2019 е дел до Цвикау.

„Од 2019 година, Симона го носи дресот на Цвикау со срце, страст и посветеност – на теренот и надвор од него. Симона не е само силен бек, туку и тимски играч, пријател, мотиватор и секогаш со насмевка“, напишаа од германскиот клуб.

Битолчанката е среќна што ќе ја заврши кариерата во Цвикау.

„Секоја приказна има свој крај – благодарна сум и среќна сум што мојата ракометна приказна завршува овде, на местото каде што се чувствувам како дома“, изјави Маџовска.

Таа и Цвикау се борат за опстанок во Бундес лигата, а во полуфиналната серија до две победи со Букстехуде водат со 1-0, откако славеа на гости кај ривалот со 32-29 и на домашен терен на 25 април ќе имаат шанса да го потврдат опстанокот во елитната конкуренција во Германија.