Кам-бек каков што можеше само да посака. Мартин Ивановски се врати во својот матичен клуб Охрид, го освои турнирот во Струга и беше прогласен за МВП на 54. издание.
Мартин Ивановски имаше посебна причина за задоволство по завршувањето на „Струга 2026“. Охриѓанецот со својот матичен клуб стигна до трофејот, а неговите настапи му го донесоа и највредното индивидуално признание – МВП на турнирот. Во финалето Охрид го победи Вардар со 31-30.
Ивановски ова лето повторно го облече дресот на Охрид по четири сезони, а првите натпревари по враќањето покажаа дека одлуката да се врати дома може да биде вистински потег во неговата кариера.
МВП признанието за него има посебно значење.
„Оваа награда навистина многу ми значи. Отсекогаш сум сакал да го освојам овој турнир и да дојдам до вакво признание. Но, пред сè, заслугата е на моите соиграчи. Уште по првиот натпревар против Струга кажав дека најважно е екипата да победува и Охрид добро да игра. Оваа награда е само јаготка на шлагот“, изјави Ивановски.
За него враќањето во Охрид носи и дополнителна емоција. По четири години повторно ќе има можност цела сезона да настапува пред публиката во својот роден град.
„Чувствата се поинакви кога играм за матичниот клуб. Се надевам дека оваа сезона ќе можам да го покажам максималниот капацитет и целиот потенцијал што го имам и дека ќе се радуваме на многу победи. Четири години немам играно пред домашната публика и едвај чекам повторно да заиграм пред неа“, вели Ивановски.
МВП признанието од Струга за него е само дополнителен мотив пред почетокот на сезоната.
„Ова сигурно ќе биде мотив плус да работам уште подобро. Подготвен сум да го преземам товарот и да дадам максимум за што подобри резултати на клубот и на екипата“, порача Ивановски.
Враќање дома, прв трофеј и веднаш МВП признание – подобар почеток на новата приказна со Охрид тешко можеше да посака.
_________________________________________________________________________________________
▶▶▶ Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите вести.
_____________________________________________________________________________________________________

























