Швајцарија во лоша форма пред ЕП, Франција убедливa против Романија

Репрезентациите на Швајцарија и Франција, кои заедно со Германија се ривали на Македонија на Европското првенство 2024, одиграа пријателски дуели во текот од првата фаза од подготовките за континенталниот собир во јануари.

Швајцарија, која зеде учество на „Кемпа Трофеј“ во Тунис, настапот го заврши со три порази. Ракометарите на Швајцарија најпрво беа поразени од домаќинот со 31:22, потоа загубија од Португалија со 29:26 и на третиот контролен натпревар не успеаја да стигнат до победа, бидејќи Австрија беше подобра на теренот и славеше со 32:27.

Франција, репрезентација која ќе биде меѓу фаворитите во Германија, немаше многу проблеми против Романија и со победата од 40:21 покажа дека се наоѓа во одлична форма. Французите во текот на јануари, односно пред настапот на ЕП ќе тестираат против Тунис и Бразил.

Пријателски меч одиграа репрезентациите на Србија и Словенија, а крајниот исход од средбата беше 30:26 во корист за избраниците на Урош Зорман. Во двете репрезентации настапија неколку ракометари од македонскиот шампион Еурофарм Пелистер.

Кај Словенија, десниот бек Нејц Цехте имаше два погодоци, додека во составот на Србија десното крило Богдан Радивојевиќ два пати се запиша во листата на стрелци, а левиот бек Урош Борзаш имаше една реализација. Двете репрезентации денеска повторно ќе одиграат пријателски натпревар.

Дебитантот на Европското првенство, репрезентацијата на Фарски Острови одигра два тест меча со Исланд и на двата загуби, но со мала негатива. Исланѓаните првиот меч го добија со 39:24, вториот со еден гол разлика, 30:29.

На дуелите од Златната лига, Данска забележа втор триумф, откако славеше против Шпанија со 34-29, додека Холандија беше подобра од Норвешка со 37-32 и денеска ќе се бори со светскиот првак за првото место на овој турнир.

Португалците беа подобри од домаќинот на „Кемпа Купот“ во Тунис со 33-32, додека селекцијата на Унгарија ја совлада незгодната Полска со 31-27.