„Штрлек за Нексе е она што Бекам беше за Реал“

Екипата на Нексе за оваа сезона се засили со искусниот ракометар Мануел Штрлек, кој во хрватскиот вицепрвак пристигна од унгарскиот гигант Веспрем.

Трансферот на Штрлек од Веспрем во Нексе одекна како трансфер бомба низ Европа.

Тренерот на Нексе, Бранко Тамше, во разговор за хрватскиот портал „Германијак“ го спореди трансферот на Штрлек со оној на Дејвид Бекам од 2003 година.

,,Неговото доаѓање во Нексе направи многу. Неговото име е голем бренд. Не знам ни колку од неговите дресови се продадоа оваа година. Знам да се пошегувам и да кажам дека тој за нас е тоа што беше Дејвид Бекам кога пристигна на „Сантијаго Бернабеу“. Јасно е дека доаѓањето на Мануел Штрлек зборува за угледот и нивото на нашиот клуб на повисоко ниво“, изјави Тамше.

Нексе првиот дел од сезоната во домашниот шампионат го заврши без пораз, додека на европска сцена успеа да обезбеди пласман во главната фаза.