Шпанскиот десен бек Виктор Алонсо Гарсија не е повеќе член на двократниот европски шампион Вардар и во продолжение од сезоната ќе игра во Косово.Тој не ги оправда очекувањата во „црвено-црниот“ тим и по два месеци заминува од Скопје, а негов нов клуб е косовскиот Раховец.
Виктор Алонсо Гарсија е поранешен шпански репрезентаивец, и минатата сезона ја мина во италијанскиот тим Ромања.
Тој потекнува од некогашниот шпански гигант Портланд Сан Антонио и ги мина сите младински категории во „фуријата“. Во татковината играше уште за Овиедо, Ваљадолид, Адемар Леон и Анхел Хименез.
Настапуваше и за францускиот Кретеј три сезони, потоа за романскиот тим Бакау, пред да се пресели во косовскиот првак Беса од 2020, каде играше до лани во период кога имаше тренер Шпанец. Кратко беше дел и од израелскиот тим Нес Зиона.
Вардар останува само со македонскиот репрезентативец Томислав Јагуриновски, но многу веројатно амбициозното раководство на „црвено-црниот“ тим веќе размислува за ангажман на нов ракометар на таа позиција за вториот и решавачкиот дел од сезоната.