Шампионскиот двоец повторно ќе работи во Еурофарм Пелистер!

Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер повторно ќе го спои тандемот кој во минатото „дрмаше“ и освојуваше титули. Откако денеска тимот објави дека Бранислав Ангеловски ќе остане тренер најмалку до крајот на сезонава, битолчани најавија уште една убава вест. Во тимот се враќа и Звонко Шундовски, кој сега ќе има нова функција, со што ќе го формира „шампионскиот тим“.

Пoранешниот играч, и тренер во Пелистер, сега ќе ја има улогата на Извршен стручен директор, и ќе биде задолжен за целокупната тренерска и стручна работа во двата тима на битолчани.

Лани Шундовски заедно со Александар Јовиќ ја донесоа титулата во Битола по 18 сезони, откако го преземаа тимот на средината од минатата сезона. Оваа сезона имаше смена на кормилото, Бранко Ангеловски го води тимот, а сега Шундовски се враќа, но во поинаква улога.

Ангеловски и Шундовски заедно работеа во романска Констанца, но со обратни улога – таму Шундовски беше тренер, а Ангеловски по завршувањето на кариерата беше спортски директор. За романскиот тим беа добитна комбинација со која освоија повеќе трофеи, играа во Лигата на шампионите и доминираа на домашно тло, а раководството на битолчани посакува ист да биде случајот и со Еурофарм Пелистер.

„Веруваме во Шундовски, и кога се разделивме знаевме дека тоа нема да биде трајно и тој еповторно со нас во тимот. Ќе има целосна контрола околу ангажирањето на играчи, составувањето на екипите, не само во сениорскиот тим, туку ќе координира и во пониските категории. Ова е комбинација кој сметаме дека може да донесе нови клупски успеси, потврди Зоран Стерјев, претседателот на Еурофарм Пелистер.

Пелистерци оваа сезона се вратија во Лигата на шампионите, а имаат исти амбиции како лани на домашна сцена – одбрана на титулата им е приоритет. Во разигрувањето за титулата на стартот на февруари ќе стартуваат со два бода.