СЕДМЕРЕЦ: Ѓорчепетровки како „лавици“

Три од три за македонските шампионки во Европскиот куп. Зачестија „чудни бројки“ на ракометните терени

1.На чекор до европско осминафинале

Македонските шампионки запишаа уште една значајна победа на европска сцена. Ѓорчепетровските „лавици“ во 3.коло од Европскиот куп, во гости го изрешетаа белгискиот Ојпен со 45 гола во мрежата и солидни +6 гола предност на крај. Оваа позитива на ЖРК Ѓорче Петров му носи огромна предност пред скопскиот реванш и му отвора пат за пласман во осминафиналето од Европскиот куп, втора година по ред. И тоа е најпозитивната ракометна вест неделава во Македонија.

Тимот што стана наследник на Кометал ЃП и оттогаш не ја испушта шампионската титула, полека фаќа континуитет и на европската сцена и е единствен што остана од македонските претставници во европските купови во женска конкуренција. И како своевиден куриозитет, ЖРК Ѓорче Петров сезонава е единствен од сите македонски претставници во Европа и во двете конкуренции, што има три-од-три победи од кои две гостински и двете убедливи со над 40 постигнати голови. Додека шампионот и вицешампионот во машка конкуренција се уште ја чекаат прва победа,  Еурофарм Пелистер само на позитивен впечаток и нула салдо во Лигата на шампионите, а Алкалоид на еден гостински бод во Европската лига.

Рангот е различен и конкуренцијата неспоредлива, се разбира, но со оглед на аматерската лига и целокупната состојба во македонскиот женски ракомет, со години во сенка на машкиот, европските победи на ѓорчепетровки се рамни на подвиг.

А, дека многу работи во системот се изместени – изместени се.

И, одамна е јасно дека не чини системот во единствената женска Супер лига, повеќе аматерска отколку супер, ама компромисно тој си останува и понатаму.

Ако е супер лигата, тогаш како има натпревари со по 30-40 гола разлика?!  Како може екипа од највисок ранг да губи 0-20 (овде не се пионери, ама не се ни професионалки). Токму со тој резултат поведоа ракометарките на новиот тим Металург Автокоманда во дуелот со Шампион и на крај стигнаа до +43 (56-13) во последното 8.коло во женската Супер лига. Едно коло пред тоа завршија со +34…

Во женската Супер лига, супер ефикасни се дури и дерби пресметките, па така шампионот ЖРК Ѓорче Петров во меѓусебната пресметка го остави амбициозниот Чаир на -16. Позитивно од сето тоа е што ѓорчепетровки шутерски расположени излегоа на мегдан и против белгискиот Ојпен на европската сцена.

2.Децата си играат или со децата си играат?

Но, нема многу позитива во сите оние нули од една и 40-ки и 50-ки од другата страна, двоцифрени разлики и едноцифрен број голови и резултати „за Гинис“ што зачестија сезонава на македонските терени во сите рангови на натпреварување.

Дури 16 натпревари од кои 11 во машка и 5 во женска конкуренција во првите 4-5 кола во пионерските лиги завршиле со едноцифрен број голови на едната страна. Пионерските екипи постигнале по 7, некаде по 5, некаде 1, а некаде и 0 голови на цел натпревар!

Па имаме резултати Вардар –Јуниор КВ 36-0,  Мулти Есенс – Голден Арт КЛ7 02-40… Или онаа засега, рекордна сезонава, а може и подалеку, победа на пионерите на ГРК Охрид на гостувањето против Јуниор КВ од +69  со резултат 1-70 и полувреме 0-33.

Некој ќе рече, деца се, нормално е да варираат бројките. Да, ама од неколку аспекти, посебно се индикативни овие необични ракометни бројки што „варираат“ во најмладите категории.

3.Не чини системот, убиј го гласникот!

Пионерите влегуваат во сфера на интерес затоа што, нели, станува збор за официјални натпревари на екипи кои во последните две сезони, во Пропозициите се ставени како задолжителен услов – сите екипи од Супер машка лига за да остварат право на учество во Супер лига сезона 2023/2024 задолжително мора да пријават пионерска екипа.

Односно, пионерската екипа е една од можните три младински категории (младинки, кадетки, пионерки) што задолжително мора да го пријави секоја екипа што настапува во единствената Женска ракометна лига.

Услов или обврска за клубовите што е во интерес на развојот на ракометот и негување на базата што е на одреден начин и „субвенционирано“ од РФМ со намалување на дел од задолжителните трошоци. Тоа е позитивната работа за доброто на македонскиот ракомет. Неспорно.

Негативно е што „обврзувачката“ категорија во машката Супер лига „се штелува“ според интересите и потребите и актуелните прелевања од еден во друг клуб. Па наместо задолжителната младинска екипа, што е многу пологично да ја имаат екипите што настапуваат во нависок ранг, бидејќи од таму во перспектива, директно може да се делегираат играчи за првиот тим, од пред две сезони, се преиначи условот на задолжителна пионерска екипа. И предлогот помина без издржана анализа и што е уште полошо, без поговор или било каква конструктивна дискусија од клубовите и од другите членови на Собранието на РФМ.

И две сезони потоа имаме пет суперлигаши од гломазната 16-ка со задолжителната пионерска, ама без младинска екипа. И пионерски екипи кои исполнуваат услов, пополнуваат бројка или формално опстојуваат за ваучерските квоти и мака мачат да постигнат 5 гола на натпревар.

И, после виновни биле медиумите што ги објавувале резултатите, оти не било психолошки, се секирале децата што не можеле гол да дадат. Тоа што се работи за официјален систем на натпреварување, без разлика што е пионерски, и плус облигаторен, тоа никому ништо.

И не било етички да се радуваат оние другите што победувале и што постигнувале по 50, 60, 70 гола. Оти овие другиве после биле тажни.

Ама етички е да се пуштат деца со два ипол тренинзи да играат натпревари и да пополнуваат квоти. И етички е да се крене зеленото ливче за да не стрчи „црвено“ на Собрание, без да се размислува за исправноста и за последиците. И вообичаено, нема виновник за грешките и пропустите. Уште помалку одговорност.

Не чини системот, убиј го гласникот! Така некако ќе му дојде.