Полскиот шампион Келце соопшти дека клупската легенда Михал Јурецки повеќе нема да ја извршува функцијата спортски директор на клубот. Неговиот договор истекува на крајот на август 2026 година и нема да биде продолжен.
Јурецки беше дел од раководната структура на Келце речиси три години, а од клубот истакнуваат дека одлуката е донесена по детална анализа на работата на спортскиот сектор.
Во соопштението се наведува дека Управниот одбор, Надзорниот одбор и претставниците на сопственикот извршиле темелна проценка на функционирањето на спортскиот сегмент, како и на ефикасноста на досегашните активности. Врз основа на таа анализа е донесена одлуката за прекин на соработката со Јурецки.
Покрај заминувањето на легендарниот полски ракометар, Келце најави и реорганизација на спортскиот сектор, со цел да се создадат подобри услови за остварување на амбициозните цели на клубот во домашните и европските натпреварувања.
Јурецки е едно од најголемите имиња во историјата на полскиот ракомет, а по завршувањето на играчката кариера ја презеде функцијата спортски директор во Келце.

























