Ракометарите на Охрид вечерва го имаа првиот тренинг пред стартот на новата сезона, во која ќе го бранат трофејот во ЕХФ Европскиот Куп и ќе влезат со големи амбиции на домашна сцена.
Тренерот Борис Ројевиќ нема да смета на некои од главните адути од минатата сезона како Јасухира, Пилиповиќ и Моралес, но раководството на клубот работеше активно и донесе осум засилувања.
Тука се голманот Славиќ, крилото Кеита, пикерот Јошида, како и бековите Ивановски, Карапалевски, Зечевиќ, Талески и Мате.
Охриѓани ќе се подготвуваат покрај езерото, а ќе настапат на два турнири – традиционалниот во Струга и меморијалниот турнир на кој се организатори – „Крсте Андоновски“.
Потоа следуваат две пресметки од регионалната лига на гостински терен против Будва и Динамо Панчево, пред дуелот од Супер Купот против Вардар на 2 септември.

























