Загреб победнички го започна настапот на „Крсте Андоновски“, но Војводина добро го измачи хрватскиот шампион. Урх Кастелиц беше важен во клучните моменти, а словенечкиот репрезентативец признава дека патувањата и тешкиот подготвителен ритам се чувствуваат - но не сака да бара оправдување.
Загреб со победа го отвори својот прв настап на турнирот „Крсте Андоновски“, но до бодовите против Војводина стигна многу потешко од очекуваното.
Хрватскиот првак славеше со 24-21, а еден од важните моменти во завршницата беше одбраната на Урх Кастелиц при резултат 17-16. Словенечкиот голман му го одбрани зицерот на Бранко Предовиќ, по што Загреб повторно се одлепи на два гола разлика.
Кастелиц признава дека играта не била на нивото што го посакувале.
„Имаше многу грешки. Можеби разликата можеше да биде и поголема, но не одигравме како што знаеме. Малку се чувствува и заморот, многу патуваме и долго сме во подготовки. Но тоа не е изговор. Ние сме професионалци и мораме да дадеме сè од себе. Се надевам дека на следните натпревари ќе бидеме подобри.“
Загреб зад себе веќе има сериозна серија контролни натпревари и турнири. Пред доаѓањето во Охрид играше на турнир во Татабања. Во полуфиналето го совлада домаќинот со 29-26, а Кастелиц имаше 12 одбрани. Игор Карачиќ на истиот меч беше прогласен за играч на натпреварот.
Потоа следуваше финалето со Келце, а веднаш потоа патувањето за Македонија и нов турнир. Токму затоа Кастелиц потенцира дека физичката свежина не е идеална, но таквиот ритам е дел од подготовките за сезоната што следува.
Во Охрид, по Војводина, Загреб го очекуваат уште Египет У20 и домаќинот Охрид.
„Видовме дека Египет не е екипа за потценување, а Охрид е сериозна екипа. Пред нас се добри натпревари и мораме да бидеме подготвени“, вели Кастелиц.
За Кастелиц ова лето донесе и голема промена. По четири години во Лемго, словенечкиот репрезентативец повторно се врати во Загреб. Тој веќе има искуство во хрватскиот гигант од претходниот дел од кариерата, а сега една од причините за враќањето била и приватна.
„Загреб ми е многу блиску до дома. Добив дете и ми беше важно јас, сопругата и семејството да бидеме поблиску. Тоа беше една од причините“, вели Кастелиц.
Загреб летово изгради сериозно изменет состав, а Кастелиц смета дека тимот има квалитет за високи дострели.
„Загреб состави сериозна екипа. За мене е многу важно што имаме добра одбрана. Не ми беше тешко да ја донесам одлуката.“
Кастелиц е едно од осумте нови имиња во Загреб ова лето. Во хрватскиот шампион пристигна од Лемго и заедно со Сандро Мештриќ и Харис Суљевиќ ја сочинува голманската линија.
Кога станува збор за домашната сцена, Загреб со години е тимот што мора да ги напаѓа сите трофеи. Но Кастелиц предупредува дека Нексе не смее да се отпише.
„Домашните трофеи сигурно се подразбираат како цел, но Нексе не е за потценување. Ќе имаме сериозни натпревари и таму.“
Амбициите се уште поголеми во Лигата на шампионите. Загреб во новата сезона ќе игра во група со Пари Сен Жермен, Алборг и Целје, а новиот систем на натпреварување остава мал простор за грешки.
Кастелиц е свесен колку ќе биде тешко.
„Групата во Лигата на шампионите е тешка. Нов е системот, можеби не ни одговара целосно, но затоа е интересно. Ако успееш да изненадиш некого, веднаш добиваш голема шанса. Мораме да се бориме и да дадеме сè од себе.“
Засега, сепак, фокусот останува на Охрид.
_________________________________________________________________________________________
▶▶▶ Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите вести.
_____________________________________________________________________________________________________

























