Загреб стигна до победа против Војводина на стартот на „Крсте Андоновски“, но Игор Карачиќ очекува многу подобри изданија од својот тим. Поранешниот вардарец зборуваше и за амбициите на Загреб, Лигата на шампионите и битката за македонската титула, каде најголема предност му дава на Вардар и Иван Чупиќ.
Загреб ја запиша првата победа во Охрид, но натпреварот против Војводина воопшто не беше лесен за хрватскиот шампион.
Тимот на Хрвоје Хорват славеше со 24-21, иако Војводина во второто полувреме стигна и до израмнување на 16-16, но попушти во самиот финиш. Карачиќ претходно погоди за повторно водство од три гола на Загреб, но српскиот тим постојано се враќаше во натпреварот.
Игор Карачиќ признава дека ова не беше издание со кое Загреб може да биде целосно задоволен.
„Беше многу потешко отколку што очекувавме. Не сме навикнати да играме во ваков термин, но тоа се подготовки. Резултатот не е најважен. Важно е сите да одиграме, добро да се истрчаме и да го поминеме овој период како што треба“, вели Карачиќ.
Загреб во Охрид дојде по долг и тежок подготвителен период. Претходно играше контролни средби на Рогла, потоа турнир во Татабања, а сега следува „Крсте Андоновски“.
„Очекувавме многу подобра партија од наша страна, но не може секогаш сè да биде идеално. Имавме многу натпревари и тренинзи, практично цел август сме на пат, на подготовки и турнири. Не е лесно. Треба да се адаптираме и да го издржиме турнирот до крај“, потенцира Карачиќ.
Само неколку дена пред доаѓањето во Македонија, Карачиќ одигра одличен натпревар против Татабања. Со три гола и голем број асистенции беше прогласен за играч на натпреварот во победата од 29-26.
Во домашните конкуренции амбицијата е јасна. Загреб повторно сака да ги освои првенството и Купот.
„Секако, првата цел е да ја освоиме двојната круна“, вели Карачиќ.
Но за разлика од домашната сцена, Карачиќ очекува и европски исчекор.
„Во Лигата на шампионите мислам дека треба да направиме чекор повеќе. Групата е тешка, но тешка е за секого. Мислам дека оваа година имаме добар ростер. Добивме многу професионални играчи кои сакаат да работат и да напредуваат.“
Загреб летово донесе осум нови ракометари, меѓу кои Марко Мамиќ, Урх Кастелиц, Мануел Штрлек, Глеб Калараш и Јовица Николиќ. Карачиќ гледа позитивна промена и надвор од теренот.
„Организацијата е на многу повисоко ниво. Гледам напредок во однос на минатата сезона и се надевам дека ќе продолжиме така. Но ништо не доаѓа преку ноќ.“
Карачиќ не го крие фактот дека новиот состав сè уште има големи осцилации. На некои натпревари Загреб изгледа одлично, на други тешко го наоѓа вистинскиот ритам.
„Имаме подеми и падови. Некои натпревари ги играме брилијантно, а на некои ни е тешко, како денес. Мораме да најдеме константа и да ги исфрлиме тие детски болести од нашата игра ако сакаме да бидеме успешни“, вели Карачиќ.
Загреб првпат настапува на „Крсте Андоновски“, а по Војводина го очекуваат Египет У20 и домаќинот Охрид.
Посебно интересен беше одговорот на Карачиќ кога беше прашан за новата сезона во Македонија. Човек кој одлично го познава македонскиот ракомет и кој долги години беше еден од симболите на Вардар, смета дека „црвено-црните“ имаат мала предност пред конкуренцијата.
„Мислам дека Вардар е чекор пред сите. Традиционално знае како се освојуваат трофеи. Секој може да го победи Вардар на еден или два натпревари, но кога зборуваме за цела сезона, тоа е нешто друго“, вели Карачиќ.
Посебно го потенцира Иван Чупиќ, со кого своевремено заедно ги бранеше боите на Вардар.
„Мислам дека Вардар и тренерот Чупиќ покажуваат дека имаат добар ростер и знаење за да бидат на врвот во Македонија. Ако морам некому да му дадам предност, тогаш тоа се Вардар и Чупиќ.“
Карачиќ, сепак, е задоволен од тоа што конкуренцијата во македонскиот ракомет денес е многу посериозна.
„Има многу добри екипи во Македонија. Во мое време не беше баш така и многу ми е драго што ракометот се развива. На Вардар сигурно нема да му биде лесно.“
За Карачиќ сега следува продолжението на турнирот во Охрид и дуелите со домаќинот и со младинците од Египет.
_________________________________________________________________________________________
▶▶▶ Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите вести.
_____________________________________________________________________________________________________

























