Марко Срдановиќ повторно е во Охрид, но овојпат во дресот на Војводина. Поранешниот ракометар на Вардар е добро познато име за македонската ракометна јавност, а две сезони помина во „црвено-црниот“ дрес.
Срдановиќ добро го познава и теренот во Охрид, каде низ годините одигра голем број натпревари, а со Вардар во овој град има освоено и трофеј.
„Секогаш е убаво. Ова е многу добар турнир и, со оглед на тоа колку натпревари имам одиграно на овој терен, речиси се чувствувам како дома. Иако никогаш не сум играл за Охрид, навистина имам одиграно многу натпревари овде – и за Куп, и на турнири, и пријателски, и лигашки натпревари. Навистина убаво се чувствувам овде“, вели Срдановиќ.
Враќањето во Македонија за него секогаш носи посебни емоции, особено поради пријателствата што ги создаде во периодот во Вардар.
„Секојпат кога се враќам во Македонија, нешто ме влече кон Скопје и го сакам тој град. Особено ми е драго кога ќе ги видам поранешните соиграчи од Вардар. Секогаш кога доаѓам на овие турнири и знам дека ќе видам некој од поранешните соиграчи и добри пријатели, тоа ми создава задоволство.“
Срдановиќ откри и со кои поранешни вардарци и денес одржува контакт.
„Со доста од нив – со Лазаревски, Карапалевски, Јагуриновски, Воркапиќ, кој сега од Војводина премина во Вардар, а таму се и Бомаштар, Урош Шмитровиќ, Ален Ќосевски… Има една голема група играчи со кои сум во контакт.“
Против Вардар веќе имал можност да игра и минатата година, а самиот признава дека чувството е необично кога ќе се најде на спротивната страна од клубот во кој помина две сезони.
„Многу е чудно чувството кога играш против Вардар. Среќа е што се работи за пријателски натпревари, па нема толкав притисок и нема некоја голема тензија.“
Во меѓувреме, Срдановиќ продолжува да гради нова приказна со Војводина. По турбулентната мината сезона, клубот се стабилизираше, а тимот доби нов и помлад изглед.
„Клубот се стабилизираше и тоа е најважно. Екипата е подмладена, нова и перспективна. Работиме на тоа што подобро да се уиграме, да создадеме кохезија меѓу играчите и што поспремни да влеземе во лигашкиот дел од сезоната.“
Во домашното првенство Војводина ја очекува голема конкуренција, особено од Партизан, кој оваа сезона дополнително се засили и ќе игра во Лигата на шампионите.
„Партизан е доста засилен оваа сезона и ќе игра во Лигата на шампионите. Имаат многу искусен ростер, така што ќе биде интересна битка.“
Денеска Војводина ќе игра меч со Охрид, кој покрај за турнирот, ќе се бодува и за Регионалната лига.

























