ОХРИД 2026: Стрмљан сурово реален по победата – одигравме лошо, мораме да го поправиме тоа

Охрид победува, но Тилен Стрмљан не е задоволен од играта на домаќинот. Словенечкиот интернационалец потенцира дека на значително изменетиот состав му е потребно време, а силниот турнир треба да послужи токму за да се поправат слабостите пред официјалните натпревари.

Победата не беше доволна за Тилен Стрмљан да биде задоволен од прикажаното на Охрид на „Крсте Андоновски“. Домаќините победија со 31-27 против репрезентацијата на Египет до 20 години.

Искусниот словенечки ракометар беше прилично самокритичен по настапот на домаќинот и јасно порача дека играта мора да биде многу подобра.

„Не можам да кажам многу позитивни работи. Позитивно е што победивме, но одигравме лош натпревар и тоа мораме да го поправиме“, вели Стрмљан.

Охрид летово направи многу промени, па едно од главните прашања во подготвителниот период е колку брзо новите играчи ќе се вклопат во системот.

Стрмљан не е загрижен.

„Имаме добра екипа, дојдоа добри играчи, променивме дел од составот. Треба малку време сè да се сложи.“

Тој потсетува дека нешто слично се случувало и претходно.

„Ни претходно на почетокот не изгледавме сјајно, а по еден-два месеци работите си дојдоа на свое место.“

Затоа резултатите во август не се главната мерка. Најважното доаѓа подоцна.
Охрид минатото лето имаше успешен подготвителен период и ги освои турнирите во Струга и во својот град.

„Секако дека ќе дадеме сè од себе. Но резултатот сега не е најважен. По турнирот нè очекуваат важните натпревари и мораме да бидеме фокусирани на нив. Прво треба максимално да го искористиме овој турнир.“

Силните противници се токму она што му е потребно на тимот. Според Стрмљан, квалитетот на „Крсте Андоновски“ расте од година во година.

„Мислам дека турнирот е посилен од минатата година и секоја година станува сè посилен. Тоа е супер за Охрид, супер за самиот турнир и супер за нас играчите што можеме да играме вакви натпревари.“