Тој е четвртата личност која се споменува како еден од можните кандидати за нов предводник на македонскиот ракомет. Засега јавно не ја потврдува можноста да се појави на листата за гласање на 1 март.
Бројот на кандидатите за претседател на РФМ се зголемува, иако до Изборното Собрание има нешто повеќе од два месеци. Новиот кандидат што во ракометните кулоари се споменува е поранешен спортски работник, добро познат на јавноста.
Левче Китевски, поранешниот директор, па претседател на машкиот клуб на Металург, а потоа и директор на сите репрезентации во РФМ.
Иако веќе две години не е активен во ракометот, барем не со некоја функција, зад себе има големо искуство, па и конекции што може да биде негова предност кога ќе дојде моментот на гласање. Од работа во клуб, во репрезентација, од директорско место до претседател.
Според информаците на 24Ракомет, Китевски би бил поддржан од неколку клубови во неговата кандидатура, и сигурно би им искомплицирал на другите кандидати кои планираат исто така да влезат во трката за претседателската фотеља. Китевски не одговори на нашите прашања дали е вистина дека може да биде кандидат за претседател на претстојното Изборно Собрание на РФМ.
Китевски работеше во Металург во времето кога тимот од Автокоманда беше шампион на Македонија, и ја прекина доминацијата на Вардар. Му беше близок соработник на Лино Червар кога Хрватот беше главен кај „сините“, и беше дел од тимот кога играше и во четвртфиналето на Лигата на шампоните. Работеше во златните времиња на Металург, но и во време кога тимот почна да „паѓа“ поради беспарицата.
Откако замина од Металург, имаше успешна ракометна приказна во Србија со екипата на Жлезничар, која како нејзин менаџер ја донесе до вицешампионска титула во Србија, И го освои Купот на Србија. Потоа се врати во Македонија и беше директор на машката и женска репрезентација, и беше на СП во Египет и на ЕП во Унгарија. Беше вклучен и во тимот што беше голема логистика на машката репрезентација во 2009 година кога игравме на СП во Хрватска.
Досега само двајца кандидати јавно објавија дека ќе бидат во трката за претседател, Александар Стефанов, член на УО на РФМ, и Горан Ѓоргоноски, поранешен репрезенативец кој го води проектот „Ракомет за секое дете“. За Драган Начевски исто така постои информација дека сигурно ќе влезе во трката, но тој се уште не ја објавил јавно кандидатурата.