Се смени политичката власт во Унгарија – се кастри буџетот во Ференцварош!

Oткако се смени политичката власт во Унгарија, дел од колективите што беа државни проекти веќе почнаа да ги кастрат буџетите за претстојната сезона. Еден од нив е машкиот клуб Ференцварош, а засега женската секција ќе продолжи да функционира на врвно европско ниво.

Во изминатите денови во јавноста се појавија информации за сериозни финансиски проблеми и големи кратења во буџетот на клубот, но сепак Ференцварош би требало да се пријави за настап.

Според унгарските медиуми, раководството на клубот одржало состанок со ракометарите на кој биле претставени мерки за намалување на трошоците. Дел од извештаите наведуваат дека на играчите им било предложено значително намалување на примањата, а како можност била спомената и неизвесноста околу настапот на тимот во следната сезона.

По бројните шпекулации, Ференцварош излезе со официјално соопштение во кое нагласува дека приоритет останува настапот во лигата и дека клубот работи на обезбедување на потребните услови за функционирање на тимот.

Од клубот истакнаа дека финансиското планирање во моментов е отежнато поради повеќе неизвесни фактори, поради што засега не можат да дадат поконкретни информации за иднината на машкиот ракометен состав.

Ференцварош ја заврши сезоната на четвртото место во унгарскиот шампионат, а неизвесноста околу буџетот и играчкиот кадар би можела значително да влијае врз амбициите на клубот во наредната сезона.