Блесок на сестрите Попови, Гевгелија Југ ја освои Струга

Ракометарките на Гевгелија Југ запишаа втора победа во новата сезона од прволигашката конкуренција.

Избраничките на Перо Минев славеа на гостувањето кај Стружанка со 28-21, а беа предводени од сестрите Јасмина и Нина Попови.

Домаќинките водеа само на стартот со 1-0, а потоа гостинките не ја испуштија предноста и во ниту еден момент нивната победа не беше доведена во прашање.

На паузата Гевгелија Југ водеше со 11-8, додека во второто полувреме домаќинките немаа сили да се вратат во мечот.

Јасмина Попова даде осум, а Нина Попова седум гола за победничкиот тим, додека премалку за Стружанка беа десетте погодоци на Маја Раткушиноска.