Славје во Штип – Накова даде 11 гола, Астибо се израдува на прв триумф!

Довчерашниот суперлигаш Астибо, пред својата публика ја забележа првата победа во новата сезона, откако во натпревар од четвртото коло на Првата лига убедливо ја совлада Јехона од Гостивар со 33-15.

Штипскиот тим уште во првото полувреме ја најави победата, па на паузата замина со предност од седум гола (15-8). Во продолжението домаќинките дополнително ја зголемија разликата за убедлив триумф.

Најзаслужна за победата на Астибо беше кадетската репрезентативка на Македонија, Ана Марија Накова, која постигна 11 погодоци. Одлична поддршка имаше од Ева Манева со девет гола и Мелани Неделкова, која шест пати ја затресе гостинската мрежа.

Во составот на Јехона, Алтина Хасани беше најефикасна со седум погодоци, но нејзиниот учинок не беше доволен за гостинскиот тим да избегне убедлив пораз.

Со овој триумф, Астибо ги освои првите бодови во новата сезона и најави дека ќе се обиде да се наметне во конкуренцијата во Првата лига.