Дисциплинската комисија на Ракометната федерација имаше полни раце работа изминатите денови. Иако со доцнење, бидејќи голем дел од натпреварите се одамна одиграни, сепак беа донесени повеќе одлуки за суспензии или казни.
Во Супер и во Првата лига, парични казни има за екипите на Тиквеш, Охрид, Прилеп и Младост Богданци, додека суспензија заработиja ракометари на Вардар Неготино и Борец.
Станува збор за Драган Кузманов, кој доби суспензија од еден натпревар (веќе ја одлежа) поради црвениот картон на натпреварот против Куманово и не настапи против Мулти Есенс минатото коло. Ист беше случајот и со Душан Крстевски, кој исто така паузираше еден натпревар по црвениот картон на средбата меѓу неговиот Борец и Преспа Вардар, а суспензијата ја одлежа на мечот со Астраион.
Тиквеш треба да плати 60.000 денари, додека Охрид треба да плати 30.000 денари за однесувањето на навивачите на меѓусебната средба што ја одиграа во Кавадарци. Казнети со 30.000 денари се и прилепчани, по мечот со Голден Арт од суперлигашкиот плеј-аут. Иста казна доби и прволигашот Младост Богданци по мечот со Бисинов.
Ваучери се уште нема за клубовите, сите рокови се пробиени, а со казните се дополнително се ослабуваат и така малите буџети на дел од клубовите. Покрај суперлигашите и прволигашите, казни има и за екипите во младинските конкуренции.
Кај пионерите, тимот на КЛ7 Свети Николе, и понатаму нема лиценциран тренер на клупата, па ќе плати 60.000 денари (4×15.000) по натпреварите со Аеродром, Астраион, Бутел Скопје и Текстилец, додека казнета е екипата на Јуниор Кисела Вода со 15.000 денари откако не го одигра натпреварот со Асови, кој го загуби службено со 10-0 и минус еден бод на салдото.
Кај кадетите, Борец ќе плати 45.000 денари (3×15.000) по натпреварите со Бутел Скопје, Аеродром и Астраион, поради истиот случај со КЛ7 Свети Николе кај пионерите, а казнета е и екипата на Аеродром со 15.000 денари.