Црногорскиот пикер Вук Лазовиќ повеќе не е дел од Мешков Брест, соопшти белорускиот шампион на социјалните мрежи.
Лазовиќ во Брест пристигна кон крајот на септември 2023 година и во изминатите три сезони беше важен дел од тимот, со кој освои шампионска титула во Белорусија и трофеј во СЕХА лигата.
Искусниот кружен напаѓач зад себе има богата интернационална кариера. Во Србија настапуваше за Партизан, Раднички, Зајечар, Црвена Звезда и Војводина, а беше дел и од двократниот европски првак Вардар.
Покрај тоа, Лазовиќ играше и за словенечките Кршко и Слован, германски Либек, романска Дунареа, јужнокорејски Хокс, како и за клубовите Кувајт Спорт и Бурган.
Засега не е познато каде искусниот црногорски репрезентативец ќе ја продолжи кариерата.
























