Откако заврши во ТОП 4 екипи сезонава, Куманово во иднина ќе мора да бара нови ракометарки кои ќе бидат на нивото од сега, бидејќи двата најдобри играчи со заминаа од клубот. Интернационалките Маријана Азеведо и Аманда Стеин, наместо во Куманово во иднина ќе играат на Кипар.
Нивен нов клуб ќе биде тимот на Строволу, најдобрата екипа од Кипар. И двете ракометарки сезонава беа меѓу најдобрите, не само во клубот туку и во целата лига во Македнија. Беа во најтесниот избор на својата позиција за Ол Стар тимот на сезоната што го огранизира 24Ракомет.
Азеведо игра на позиција на среден бек и сезоната ја заврши со 173 гола, како најдобар стрелец во екипата и трет најдобар стрелец во Супер женската лига. Нејзината колешка Стеин која игра на позиција на десен бек постигна 103 гола, и беше трет најдобар стрелец во тимот.
И двете беа „моторот на тимот“ и со нивното заминување кумановки ќе бидат значително ослабени, доколку не донесат соодветни засилувања за следната сезона. Покрај Азеведо и Стеин, од клубот замина уште една што беше меѓу најдобрите ракометарки – десното крило Росана Павлова, која го засили Чаир.
Дека следува тежок период за клубот покажува и фактот дека Куманово не се пријави за настап во европските купови, па Македонија ќе има само три екипи, Ѓорче Петров во Лига Европа, а Чаир и Вардар во Купот на ЕХФ.

























