Ракометарите на Охрид денеска го играат првиот финален натпревар од ЕХФ Европскиот Куп против унгарската Татабања.
Охриѓани испишаа уште една убава страница во клупската историја. Со девет победи и само еден минимален пораз стигнаа до меч за трофеј, а последната пречка е унгарската Татабања – тимот што оваа сезона го ПИК Сегед, го намачи Веспрем…
Тренерот на охриѓани, Борис Ројевиќ знае со каква екипа ќе си има Охрид работа, а смета дека што и да се случи денеска реваншот во СРЦ „Билјанини Извори“ ќе биде уште потежок.
„Не чека жесток дуел, сите знаеме каква екипа е Татабања. Оваа сезона го победи ПИК Сегед со четири гола разлика, против Веспрем водеа убедливо, па победникот се решаваше во последните минути. Се работи за страшна екипа, која игра добро дома, но посебно на гостински терен. Што и да се случи денеска, реваншот во Охрид ќе биде сигурно уште потежок. Работевме десет месеци за ова, во средата не изгледавме добро против Еурофарм Пелистер, некако со мислите веќе бевме во финалето и тоа јасно се гледаше. Имавме потоа само еден ден да го подготвиме финалето, не е тоа добро, но едноставно така се случи. Во вторник ќе го имаме Тиквеш, па ќе имаме повеќе време за подговка за реваншот. Се надевам дека ќе се вратиме со поволен резултат за реваншот и со нашата „врела“ публика, од која сум посебно изненаден пријатно на последните неколку средби од одличното навивање. Мислам дека салата да може да прими 10-12.000 гледачи би ја наполниле, доаѓаат луѓе од цела Македонија. Има голема еуфорија во градот, билетите се продадоа за 15 минути, а тоа нас не обврзува во овие две средби да го оставиме срцето на терен, да го дадеме максимумот и да пробаме да се носиме со една искусна екипа како Татабања“, вели Ројевиќ.
Српскиот стратег го освои трофејот во ЕХФ Европскиот Куп со тимот на Војводина во сезоната 2022/23.
„Мене ми е ова второ финале, но ваков тим како Татабања со ваков буџет, којзнае колку време нема играно во ЕХФ Купот, па сега ќе ме чека сигурно многу потешко финале отколку што беше со Војводина. Овие натпревари се добиваат со срце, со желба, со волја, со некој момент, нема тука веќе тактика, ни ништо…“, продолжи Ројевиќ.
Охрид во финишот на сезоната има проблеми со повредени ракометари, па надвор од стројот се Петриќ и Борозан.
„Повредите не следат уште од стартот на сезоната. Прво Јотиќ, кој беше меѓу лидерите на почетокот, па дојде Вејин, кој не можеше да продолжи, па сега Петриќ и Борозан. Тешко е со мал број на бекови на секои три дена да одиграме во висок ритам. Во првенството игравме одлично, стигнавме до финалето на Купот на Македонија, но сите карти ги фрливме на Европа, и јас, и управата и играчите…Некој да ни понудеше сето ова пред стартот на сезоната, сигурно би го прифатиле. Силно го посакуваме овој трофеј и ќе бидам многу среќен да го освоиме“, заврши Ројевиќ.
Првиот меч меѓу Татабања и Охрид е денеска од 17:00 часот, додека реваншот е на 31 мај во СРЦ „Билјанини Извори“ со почеток во 20:00 часот.
























