Ристовска: Полска беше ‘печена’ да падне во Битола, но не погодувавме кога најмногу требаше!

Македонија ќе чека до 2027 година за пласман на Мундијал, откако зауби вторпат од Полска, овојпат во Битола со 23-21.

Капитенот на Македонија, Сара Ристовска, жали за пропуштената прилика и вели дека шансата беше пропуштена со промашените ситуации кога најмногу требаше да се погоди.

„Секако ни е жал што загубивме, сите силно го посакувавме пласманот на СП. Мислам дека ние покажавме добра игра, иако имавме падови кога најмногу требаше да поведеме и да ги искористиме тие ситуации. Полска беше ‘печена’ да падне во Битола, во ваква полна сала како што никогаш не сме играле. Досега во „Борис Трајковски“ секогаш беа празни трибини, но овде со такви навивачи не понесе атмосферата, го отворивме добро натпреварот и пак ќе кажам, клучно беше што не ги искористивме шансите кога ги имавме за водство“, вели капитенот на Македонија.

Десното крило смета дека женската селекција има перспектива и светла иднина.

„Сметам дека имаме перспектива како репрезентација. Тоа се гледа од собир на собир. Доста од нас игравме на две ЕП, тоа е огромен плус во искуството и мислам дека тоа веќе се покажува. Секако се случуваат грешки и најискусните и најнеискусните, но тоа е составен дел од спортот, и мора да се научиме како ќе се носиме со тоа. Убедена сум дека репрезентацијата има светла иднина, многу вредни девојки што го сакаат ракометот и се даваат. Има доста што играат надвор од Македонија, нашето првенство е слабо, но јас се надевам дека нешто ќе се смени на подобро, особено сега кога имаме ново раководство на РФМ и ќе се посвети повеќе внимание на женскиот ракомет“, заврши Ристовска.

Следен предизвик за Македонија ќе бидат квалификациите за ЕП 2026 против Германија, Словенија и Белгија.

Македонија вторпат загуби од Полска и го заврши сонот за СП