Охрид сериозно се наметнува да биде познат и препознатлив град каде се игра добар ракомет, и истовремено се одржува силен меѓународен турнир. Откако „ги прележа“ детските болести од првите две години, сега охриѓани подготвени го дочекуваат новото, трето издание на ракометниот турнир “Крсте Андоновски“ што годинава ќе се одржи од 20 до 24 август.
Ќе играат осум екипи, меѓу кои и два поранешни европски прваци, Вардар и Целје, неколку поранешни и актуелни прваци на своите земји, учесници во европските купови, но сите познати и атрактивни ривали.
Домаќините се подготвуваат не само за турнирот, туку и за новата сезона во која домашниот Охрид по подолга пауза пак ќе игра на меѓународна сцена. Имаат амбиции и за подобри резултати во домашното првенство. Турнирот треба да биде и прва и сериозна контрола до каде се со подготовките. Но, истовремно од организациски план и подигање на нивото на квалитетот на турнирот кој расте и оди со сигурни чекори напред, исто како и клубот кој сезонава го освои четвртото место во првенството на Македонија.
„Сакаме да направиме турнир кој ќе привлекува силни, атрактивни и познати тимови. Веќе стана пракса тоа да биде третата седмица од август, и за многумина овој турнир е генерална проба пред почетокот на сезоната, Сите тимови се „на максимум“ и со мотив да се докажат, смета Славчо Ристески“, спортскиот директор на Охрид, организаторот на турнирот.
TУРНИРОТ Е „ОХРИДСКО СПОРТСКО ЛЕТО“
„Од друга страна како туристичко место сметаме дека покрај познатото културно „Охридско лето“ на градот му треба и нешто препознатливо „спортско“ што ќе го стави на спортската мапа на Европа и светот, вели Ристески. „Турнирот слободно можеме да го најавиме како дел од „Охридско спортско лето“.
Охрид се покажа и како одличен домаќин на турнирот од Купот на Македонија и на Супер купот претходните години во салата „Билјанини Извори“, и со растот на интересот за ракомет логично беше и да има турнир.
„Од искуствата од првите две години видовме дека е можно да имаме ваков спортски настап, градот го сака тоа, а и екипите што досега играа се задоволни и сметаат дека Охрид е одлично место, и за подготовки, и за играње. Ги имаме сите предуслови да продолжиме и да го направиме турнирот уште подобар и препознатлив. Пример земавме од познатиот турнир во Добој, кој има повеќе од петдецениска традиција. Ние го имаме и Охридско Езеро, и многу подобро услови, и тоа не прави секако и поатрактивни“, вели Ристески – Турнирот „Крсте Андоновски“ брзо ќе стане препознатлив охридски и македонски бренд.
И не само турнирот, во истиот период и судиите и делегатите/контролорите треба да полагаат на 24/25 август за лиценца во Охрид пред почетокот на сезоната, а ќе има и семинар кој го организираат Здруженијата на судии и делегати, па во таа седмица се ќе биде во знакот на ракометот во градот.
ЕКИПИТЕ САМИ СЕ ЈАВУВААТ ДА ДОЈДАТ ВО ОХРИД
Два месеци пред почетокот на турнирот веќе беше пополнет бројот на екипи. Имаше ситуација кога некои екипи кои во минатото настапувале, самите се јавувале и прашувале кога ќе се одржува, и дали сметаат на нивен настап.
Предизвик е во август да се обезбеди доволен број на сместувачки капацитети за сите екипи, но и хотелите го препознаа брендот што се создава, и веруваат дека ќе можат да одговорат на сите побарувања од тимовите. И тие се среќни што и нивната туристичка сезона ќе продолжи, бидејќи доста луѓе доаѓаат само за тој турнир.
„За разлика од лани сега имаме неколку нови тимови за кои сметаме дека многу ќе го подигнат нивото на турнирот, а некои од екипите и лани настапуваа тука. Имаше случаеви кога тимовите сами се јавуваа да видат дали и кога ќе го организираме турнирот, бидејќи сакаат да го стават во нивниот план на подготовки. Тоа не прави особено горди, зошто покажува дека сме направиле вистински потег со организирањето, и сме создале услови кои и клубовите го препознале“, вели Ристески.
ГОДИНАВА ТУРНИРОТ ЌЕ ТРАЕ ДЕН ПОВЕЌЕ
Слично како и минатата година турнирот во Охрид и годинава ќе биде со меѓународен карактер и ќе има осум екипи што ќе се борат за трофејот. За разлика од лани, сега турнирот ќе трае еден ден повеќе, со што ќе се избегне играње во утрински термини. Термините за натпреварите ќе бидат од 16:30, 18:45 и 21:00 часот.
Според ждрепката во А групата се екипите на Алкалоид, Динамо Панчево, Ловќен и Олимпијакос. Во Б групата ќе играат Охрид, Вардар, Партизан и Целје.
„Сакајќи да им понудиме на гледачите можност да ги следат сите натпревари, со оглед на тоа што имаме многу силни тимови, а на екипите да им овозможиме утринскиот термин да го искористат за тренирање или пак прошетка, годинава турнирот ќе трае еден ден повеќе. Ќе имаме само попладневни и вечерни натпревари, и верувам тоа најмногу ќе им се допадне на гледачите. Дури и оние што се тука на летување, ќе можат во вечерниот термин да гледаат одлични натпревари, вели Ристески.
Актуелен освојувач на „Крсте Андоновски“ е Еурофарм Пелистер кој лани во финалето го победи грчки Олимпијакос.