Големо внимание низ ракометните кругови предизвика одложениот натпревар меѓу Партизан и АЕК Атина од четвртфиналето на Европскиот Куп, поради инцидентот што го предизвикаа навивачите на српскиот тим.
Како најлогично решение за неутралниот терен кој го наложи ЕХФ, се споменува главниот град на Македонија, Скопје, а двете страни – и српската и грчката се расположени да играат во македонската престолнина.
Првичните контакти меѓу раководството на Ракометната федерација на Македонија и европската ракометна куќа веќе беа направени, но се чека на ЕХФ да пресече и да потврди каде ќе се игра овој натпревар.
Новото раководство на РФМ се стави на располагање околу организацискиот дел за овој натпревар, па судбината на Партизан и АЕК Атина, кои се меѓу најголемите фаворити за трофеј, би можела да се реши на македонско тло.
Скопје има три сали во кои можат да се играат натпревари од Европскиот Куп – СЦ „Борис Трајковски“, СЦ „Јане Сандански“ и Автокоманда, а натпреварот би бил закажан до крајот на оваа недела, бидејќи веќе за три недели се играат и полуфиналните средби.
Победникот од овој меч ќе игра против босанскиот Извиѓач Љубушки, а во вториот полуфинален двобој се среќаваат тимот на Кирил Лазаров и норвешкиот Рунар Сандефјорд.
ЕХФ донесе одлука по хаосот во Белград – Партизан и АЕК ќе играат на неутрален терен!