Ракометот под притисок: ИОК бара поголема глобална застапеност, Европа може да изгуби местa на ОИ!

Ракометот би можел да се соочи со големи промени во олимписката програма во наредните години. Според германскиот портал „Handball-World“, Интернационалниот олимписки комитет сè погласно инсистира спортовите на Олимписките игри да имаат што поголема глобална застапеност, а тоа директно може да влијае врз бројот на европски репрезентации на идните Олимписки игри од 2032 година во Бризбејн.

Иако ракометот е еден од најатрактивните олимписки спортови, доминацијата на европските селекции станува предмет на дискусија. На последните ОИ најголемиот дел од учесниците беа токму од Европа, додека другите континенти имаа значително помала застапеност.

ИОК во својата стратегија сè повеќе ја нагласува глобалната распространетост на спортовите, односно рамномерната застапеност на сите континенти. Тоа би можело да значи намалување на бројот на европски места и поголеми квоти за репрезентации од Азија, Африка, Северна и Јужна Америка, како и Океанија. Досега покрај светскиот првак и останатите континентални шампионати, на ОИ од 12 квалификанти, обично се пласираат само европски селекции (шест), па Европа доминира на турнирите.

Ваквите најави веќе предизвикуваат дебати во ракометните кругови, бидејќи европските репрезентации традиционално доминираат на светските и олимписките натпреварувања. Доколку дојде до промена на квалификацискиот систем, патот до Олимписките игри за најсилните европски селекции би можел да стане уште потежок.

Засега не е донесена конечна одлука, но јасно е дека ИОК сака олимписките спортови да бидат што поатрактивни и поприсутни на глобално ниво, а ракометот ќе мора да се прилагоди на тие барања во иднина. Исто така се погласни се најавите и дел од олимписките спортови, меѓу кои и ракометот, да бидат дел од Зимските ОИ, а тоа би можело да биде проблем за ЕХФ, бидејќи ЗОИ се одржуваат обично во февруари и март, а ЕП и другите континентални шампионати се играат во јануари.