Рајатоски: Ќе треба добро да се испотиме за победа против Голден Арт

Тимот на Прилеп, кој е на добар пат да обезбеди опстанок во суперлигашката конкуренција, во 9. коло од плеј-аутот ќе го пречека Голден Арт. Двете екипи се сретнаа во групниот сегмент од тековната сезона, првиот натпревар заврши без победник, 28:28, на вториот скопскиот тим триумфираше со десет гола разлика, 28:18.

Прилеп и Голден Арт третиот меѓусебен сезонски дуел го одиграа на почетокот на вториот дел од сезоната, тогаш избраниците на Божидар Мојсов во Скопје се изборија за важен триумф, кој беше изразен со седум гола разлика, 36:29.

Еден од поискусните во составот на Прилеп, Пеце Рајатоски, го најави неделниот дуел со „градежниците“.

,,На натпреварот против Голден Арт очекувам подобар пристап, како во одбрана, така и во нападот. Да покажеме дека во Битола имавме само еден лош ден и секако, да продолжиме со победите до крајот на тековната сезона. Секогаш може подобро, како индивидуално, така и екипно. Учиме од грешките и одиме напред. Од ден на ден растеме заедно како екипа, атмосферата во клубот е на одлично ниво, посилни сме за разлика од првиот дел од сезоната и во недела одиме на победа”, изјави Рајатоски.

Битолчанецот вели дека за победа над Голден Арт ќе мора да се даде најдоборото од себе.

,,Екипата на Голден Арт во плеј-аут фазата на речиси сите натпревари беше во игра за победа до последните минути, но на крај немаа многу среќа. За овој натпревар мислам дека ќе треба добро да се испотиме, да го дадеме нашиот максимум и да бидеме целосно фокусирани доколку сакаме да ги освоиме трите бодови. Знаеме со што располагаат, имаме два дена добро да се подготвиме и одиме на уште една победа на домашен терен”, вели Рајатоски.

За неделниот дуел Рајатоски очекува голема поддршка од прилепската публика.

,,Ја повикувам прилепската публика да нѐ поддржи во што поголем број, да биде нашиот осми играч, кога играме пред полна сала имаме голема мотивација и ветер во грб. Се надевам дека на дуелот со Голден Арт, како и на преостанатите два дуели на домашен терен, ќе имаме поддршка, која ни е неопходна за остварување на зацртаната цел, а тоа е опстанок во најсилното првенство во Македонија”, заврши Рајатоски.

Натпреварот меѓу Прилеп и Голден Арт ќе се одигра во недела (14 април) со почеток од 15:00 часот во спортската сала при СОУ „Ристе Ристески Ричко“. Влезот за сите љубители е слободен.

ПозЕкипаНПРЛБ
1МРК КУМАНОВО12101132
2ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР 21290330
3ПРИЛЕП1181227
4ВАРДАР НЕГОТИНО1280424
5МУЛТИЕСЕНС1261520
6ГОЛДЕН АРТ1131713
7СКОПЈЕ 20201220106
8АЕРОДРОМ1400142