Радовиш триумфално се враќа од Гостивар

Ракометарите на Радовиш славеа на гостувањето во Гостивар кај Јехона со 32-25, откако во вториот дел го скршија отпорот на домаќините.

Јехона успеваше да парира во првото полувреме, во неколку наврати имаше и предност од два гола, но на пауза се замина со 12-12.

Во првиот дел радовишани останаа без еден од носителите на играта, Иванче Ончев, кој заработи црвен картон по еден остар старт.

Во второто полувреме исто така Јехона беше во егал, но по 15-15, влезе во црна дупка, Радовиш се одлепи на плус четири, 19-15 и до крајот го сочува водството.

Петров со седум и Стојановски со шест погодоци го водеа Радовиш до победа, додека кај Јехона се истакна Салиу со седум гола.

Радовишани сега се на делба на третото место заедно со Драчево со по 11 бода, зад вториот Младост Богданци со 15 бода и Бисинов кој е лидер со 18.

Во следното коло Јехона одново ќе игра на домашен терен, овојпат против Шампион, додека Радовиш ќе го пречека Драчево.