Радовиш со нов тренерски тандем ќе брка Супер лига

Тимот на Радовиш до крајот на оваа натпреварувачка сезона ќе биде предводен од тренерскиот тандем Александар Долдуров и Спасе Ѓорѓиев.

Двете легенди на радовишкиот клуб доаѓаат на местото на Љупче Мијалов, кој се повлече од функцијата по поразот на гостувањето кај Младост Богданци од прволигашкиот плеј-оф минатата среда.

Долдуров и претходно беше во стручниот штаб на Мијалов, а сега му се приклучува и Ѓорѓиев. Првиот ја заврши кариерата минатата сезона, додека Ѓорѓиев прекина со активното играње пред две сезони.

Двајцата имаа победнички деби на клупата откако Радовиш славеше на незгодното гостување кај Јехона во Гостивар со 32-25.

Радовиш има 11 бодови на делбата на третото место заедно со Драчево, а лидерот на табелата Бисинов од Велес има 18 бодови, додека второпласираниот Младост Богданци има 15.

Првото место носи директен пласман во Супер лигата за следната сезона, додека второто место значи бараж за пополнување на елитната конкуренција со третопласираниот тим од суперлигашкиот плеј-аут.