Екипата на Радовиш со победа ја заврши сезоната во Супер лигата, откако во последното коло од плеј-аут фазата пред својата публика славеше против Струга со 32-29.
Иако радовишани веќе го загубија суперлигашкиот статус и следната сезона ќе настапуваат во понизок ранг, сепак успеаја да избегнат сезона без триумф и со достоинство да се простат од елитното друштво.
Радовиш одигра мотивирано пред домашната публика и заслужено стигна до победата. Најефикасен кај победничкиот тим беше Филип Костадинов со девет погодоци, додека Илија Димов постигна пет гола.
Во составот на Струга се истакна Наум Костов со осум реализации, а Бобан Савевски додаде шест гола.
























