„Против Вардар одиме да ја одиграме нашата игра“

Ракометарите на Струга во 4. коло од суперлигашкиот плеј-оф за ривал го имаат тимот на Вардар, кој во претходното коло беше поразен од Тиквеш.

Стружани за оваа сезона со пласманот во плеј-офот ја остварија главната цел и во пролетниот дел од сезоната ќе се обидат да се претстават во подобро светло.

Голманот на Струга, Дамјан Тутенкоски, истакнува дека неговиот тим може уште повеќе од досега прикажаното во плеј-офот.

,,Во досегашниот тек од плеј-оф фазата не успеавме да освоиме бод, но покажавме квалитет дека можеме да се надигруваме, но и да се надеваме дека ќе изненадиме некого. Мислам дека ова не е лимитот на Струга, од натпревар во натпревар сме сѐ подобри, посебно младите ракометари кои се желни да го покажат најдоброто од себе”, изјави Тутенкоски.

Стружанецот ги истакна своите очекувања за дуелот со „црвено-црните“ и најави голема борба на утрешното соочување.

,,Следен ривал ни е Вардар, знаеме сите за каква екипа станува збор, но ние ќе се обидеме да им парираме што повеќе, да ја одиграме нашата игра, нашиот систем, да се држиме до договореното и се надевам дека ќе се покажеме во добро светло”, заврши Тутенкоски.

Натпреварот меѓу Вардар и Струга ќе се одигра утре во СЦ „Јане Сандански“ со почеток од 18:15 часот.

ПозЕкипаНПРЛБ
1ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР12110135
2ВАРДАР 196112100233
3АЛКАЛОИД1280427
4ОХРИД1280426
5ТИКВЕШ 20141260619
6БУТЕЛ1230910
7ПРОЛЕТ1220106
8СТРУГА1200120