Екипата на Пролет со победа го потврди местото во плеј-офот, откако на свој терен славеше над Бутел Скопје со 22:20 и регуларниот дел од суперлигашката конкуренција го заврши со биланс од седум победи, едно реми и шест порази.
Избраниците на Александар Јовиќ до бодовите дојдоа со одличната игра на стартот на вториот дел кога направија серија од 5:0 и од 13:13 заминаа на 18:13. За Бутел овие пет гола негатива беа достижни, но кога најмногу требаше гостите не можеа да го најдат патот до мрежата на домашниот гол.
Во првиот дел имаше многу пресврти, изедначувања, надмудрувања…но ниту една од двете екипи не успеа да се одлепи на поголема разлика од два гола. Воведните минути од натпреварот минаа во знакот на домаќините. По нерешените 4:4, гостинот воден од расположениот Спасовски се одлепи на 6:4 и до 20 минута беше во предност.
Пролет предноста ја презеде во последните десет минути од првиот дел кога од 9:9 дојде на 11:9 и овие „плус два“ ги чуваше скоро до финишот од полувремето. Откако Пролет имаше 13:11, ракометарите на Кузманоски со серија од 2:0 изедначија на 13:13.
Домаќинот на почетокот на вториот дел одигра цврста одбрана, покривајќи ги со тоа слабите периоди во нападот, не дозволуваше гостите да имаат течност во своите акции и за седум минути игра направи серија од 5:0 победувајќи со 18:13.
Бутел го запре налетот на домаќините, имаше неколку играчи расположени за игра, во ритам влезе младиот Михајловиќ, ја подобри играта во одбраната и намали на 20:19 во 53 минута. Тимот на Јовиќ веќе осум минути немаше реализација, а кризниот период во домашниот табор го прекина Василевски со својот прв гол за 21:19. До крајот двете екипи постигнаа само по гол и домаќините се израдуваа на пласман меѓу најдобрите осум екипи во елитата.
Најефикасен во победничката екипа беше капитенот Ласко Андоновски со пет погодоци, додека по три реализации имаа Дејан Пецаковски, Виктор Додевски, Томислав Димковски и Давор Палевски.
Кај Бутел прв стрелец беше Дејан Михајловиќ со седум погодоци, два помалку постигна Бојан Спасовски.