Пролет го промовираше наследникот на Лембанов – на клупата седнува Александар Јовиќ

Тоа што пред два дена го најави 24Ракомет, денеска доби своја потврда. Александар Јовиќ е нов шеф на стручниот штаб на Пролет откако денеска и официјално беше потпишан договорот за соработка.

Раководството на Пролет не брзаше да најде нов стратег по разделбата со Лембанов, па клубот го водеше Илија Темелковски, а сега најде одлично решение за клупата.

Јовиќ е долгогодишен македонски ракометен репрезентативец, кој по завршувањето на играчката има и успешна тренерска кариера. Тој ја заврши ланската сезона како шампион на Македонија на чело со Еурофарм Пелистер, а добро познати се неговите квалитети и кога станува збор за работата со младите ракометари, нешто по што беше препознатлив и во Металург и во Еурофарм Пелистер 2.

„Презадоволни сме што можеме да ја официјализираме соработката со Александар Јовиќ, идеален тренер за Пролет. Говориме за стратег кој до пред еден месец беше дел од Лигата на Шампионите, а од денеска ќе почне со работа во нашиот клуб. Тој работи исклучително добро и со младите ракометари помагајќи им да напредуваат во кариерата, што исто така е многу значајно за нашиот клуб. Не се сомневаме дека донесовме вистински избор со ангажманот на овој врвен стручњак со кого Пролет уште повеќе ќе напредува“, изјави директорoт на Пролет, Сашо Огњеновски.

Александар Јовиќ од понеделник ќе го тренира Пролет