Србија во Охрид доаѓа со 17 ракометарки – нема да играат оние од Црвена Звезда и Наиса!

Селекторката на женската репрезентација на Србија, Сандра Колаковиќ, мораше да го ревидира списокот по бројните откази пред „Трофеј Македонија“. Таа ќе смета на 17 ракометарки и ќе има состав од интернационалки што треба да се наметнат допрва и на ракометарки од домашното првенство што не се од двата водечки клубови Црвена Звезда и Наиса Ниш.

Заедно со раководството на српската федерација е одлучено, а по барање на клубовите, ракометарките на овие два клуба да останат со екипите и да се подготвуваат за важниот двобои викендот на 3/4 октомври од Лигата на Европа.

Од репрезентацијата се прости Катарина Крпеж Шлезак, додека Драгана Цвијиќ ја заврши кариерата и сега ќе биде во стручниот штаб. Јована Јововиќ се опоравува од тешка повреда на рамото и најверојатно нема да биде подготвена за Европското првенство, кое започнува за помалку од два месеци. За оваа акција, од поискусните ракометарки не се повикани ниту Сања Радосављевиќ, Јована Рисовиќ, Анѓела Јањушeвиќ, Гордана Петковиќ, а повикот го откажа и Јована Скробиќ.

Собирот на репрезентацијата се одржа на 17 септември во Крушевац, додека на 23 септември избраничките на Сандра Колаковиќ ќе допатуваат во Охрид.

Србија практично ќе го има третиот состав на располагање, со ракометарки кои се желни за докажување и да се изборат за место на ЕП 2026.

„Трофеј Македонија“ стартува в четврток, а покрај Македонија и Србија, во Охрид доаѓаат Хрватска и Црна Гора.