Питлик: Има репрезентации кои ќе изненадат на ЕП!

Светскиот шампион Данска денеска го започнува настапот на Европското првенство во Германија со дуел против Чешка.

Една од новите ѕвезди на данскиот ракомет, Симон Питлик за првпат ќе настапи на ЕП, за кое смета дека е многу потешко за освојување за разлика од Светкото првенство.

„Се радувам што ќе бидам дел од ЕП 2024 во Германија. Од соиграчите кои претходно настапувале сум слушнал дека е многу потешко да се настапува на ЕП отколку на СП. Многу сум среќен што повторно сум со репрезентацијата, а наша цел на престојното ЕП секако ќе биде освојувањето на златниот медал. Свесни сме дека тоа ќе биде еден долг пат, тежок предизвик, мора да бидете одлични на теренот и да имате среќа за да стигнете до златниот медал“

Данска ќе настапи во групата Ф заедно со репрезентациите на Португалија, Грција и Чешка.

„Противник ни е репрезентацијата на Грција за која не знам многу, не знам како играат. Покрај нив има уште две добри репрезентации-посебно Португалија која игра одлично“

Во однос на тоа кои се фаворити на престојното ЕП, Питлик вели дека меѓу нив се Германија, Франција, Шведска…

„Има неколку репрезентации кои се предизвик за нас на патот до златото. Германија е еден од тие тимови ако се знае дека годинава се и домаќини. Како и секогаш Франција е топ репрезентација, Шпанија и Шведска. Норвежаните исто така се во одлична форма. Постојат и репрезентации кои ќе бидат изненадување на ЕП, но тешко е да се издвои некоја“,  изјави Питлик во интервју за ЕХФ.

Данска во второто коло на 13 јануари ќе ги одмери силите со Грција, а групната фаза ја финишира против Португалија на 15 јануари.