Пионерките на Германија се искачија на европскиот трон и се пласираа на СП

Германија е новиот шампион на десеттото издание на Европското отворено првенство за ракометарки до 16 години, откако во големото финале убедливо ја совлада Унгарија со 29-17 и за првпат во историјата го освои трофејот на ова натпреварување.

На турнирот настапија 20 европски репрезентации, поделени во четири групи, а по групната фаза следуваа четвртфиналните пресметки.

Германките имаа одличен настап уште во групната фаза, каде ги совладаа Турција (40-6), Португалија (30-20) и Норвешка (20-11), а единствениот пораз го претрпеа од Швајцарија.

Во елиминациската фаза Германија го подигна нивото на игра. Најпрво ја елиминираше Шпанија (22-16), потоа убедливо ја совлада Хрватска (35-18), а во финалето немаше никакви проблеми против Унгарија.

Германките уште на полувремето имаа предност од 13-8, а во вториот дел целосно доминираа и заслужено стигнаа до првиот трофеј. Најефикасни во финалето беа Ника Лемке и Таја Нагел, кои постигнаа по пет гола.

Во натпреварот за третото место, Хрватска ја совлада Швајцарија со 24-23 и го освои бронзениот медал.

Со пласманот во финалето, Германија и Унгарија обезбедија место на првото СП за пионерки, кое годинава ќе се одржи во Мароко.

На историскиот шампионат ќе настапат уште домаќинот Мароко, Египет, Гвинеја, Кина, Узбекистан, Аргентина, Парагвај, Мексико, САД и Куковите Острови.