Парондо останува во Мелсунген до крај на договорот – ќе го води во дебитанската сезона во ЛШ

Роберто Гарсија Парондо нема да го напушти Мелсунген ова лето и покрај гласините дека ПСЖ сака веднаш да го донесе на својата клупа. Спортскиот директор на германскиот клуб, Јеспер Ларсон, јасно порача дека очекува шпанскиот стратег да го води тимот и во сезоната 2026/27.

Мелсунген е ривал на Вардар во грпната фаза од Лигата на шампионите и токму во првото коло „црвено-црните“ ќе гостуваат во Германија. Сезонава исто така двата тима беа во иста група во Лига Европа и на двете средби победи Вардар.

Во изминатиот период низ европските медиуми се појавија информации дека ПСЖ сака да го ангажира Парондо уште ова лето. Сепак, од Мелсунген категорично ги отфрлаат таквите најави.

Ларсон нагласил дека смета на Парондо за следната сезона и дека ниту од други клубови, ниту од самиот тренер добил каков било сигнал дека би можело да дојде до разделба уште сега. За него, Парондо останува клучен дел од проектот на Мелсунген и човек што заслужено ќе го води тимот и во Лигата на шампионите.

Мелсунген зад себе има историска сезона. Германскиот клуб ја освои Европската лига, што е еден од најголемите успеси во неговата историја, а со тоа обезбеди и прв настап во Лигата на шампионите. Токму затоа во клубот не сакаат никакви потреси на тренерската позиција пред дебитантската сезона во европската елита.

Иако Парондо нема да си замине ова лето, веќе е познато дека неговата приказна во Мелсунген ќе заврши во 2027 година. Клубот веќе потврди дека тогаш на клупата ќе седне Јарон Сиверт, кој до тој момент ќе има советодавна улога и ќе биде вклучен во скаутингот, креирањето на ростерот и планирањето на иднината.

Според германските медиуми, Парондо уште во февруари го известил клубот дека по истекот на договорот сака да го направи следниот чекор во кариерата и да замине во меѓународен врвен клуб. Токму затоа ПСЖ и понатаму се споменува како можна следна дестинација, но не во 2026, туку во 2027 година.

____________________________________________________________________________________________________
 ▶▶▶ Добивај директно вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите ракометни вести.
_____________________________________________________________________________________________________